Тодор Петров контра договорот од Пржино, поднел иницијатива за законите до Уставниот суд

од Vladimir Zorba
110 прегледи

Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров денес поднесе три иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на: (1) Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија, (2) Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, и (3) Законот за заштита на приватноста, донесени на 75. седница на Собранието на Република Македонија одржана на 10 ноември 2015 година, а врз основа на договорот од Пржино и лидерските средби на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во Клубот на пратениците.

25375golema

Во врска со тоа, пренесуваме дел од изјавата на Тодор Петров:

– На 21 октомври годинава поднесов иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија, за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство. Од Уставниот суд на Република Македонија побарав да го поништи овој Закон, а до донесувањето на конечната одлука, да донесе Решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на Законот. Со Законот се нарушува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, се формира паралелно Јавно обвинителство со истите надлежности за истите дела како и веќе постојното Јавно обвинителство на Република Македонија, и се суспендира Уставот на државата, односно Јавното обвинителство на Република Македонија како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон! Со Законот, таканареченото бадентерово мнозинство, спротивно на Уставот, се прошири при номинацијата на кандидатот за специјален јавен обвинител во Собранието, дури се воведе и при одлучувањето во Советот на јавни обвинители при неговиот избор, престанување на функцијата и разрешување. Се уште немам сознание дали и како Уставниот суд постапува по иницијативата.

Денес, на 17 ноември 2015 година, поднесов уште три иницијативи до Уставниот суд на Република Македонија за поведување на постапка за оценување на уставноста на: (1) Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија, (2) Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, и (3) Законот за заштита на приватноста, донесени на 75. седница на Собранието на Република Македонија одржана на 10 ноември 2015 година, а врз основа на договорот од Пржино и лидерските средби на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во Клубот на пратениците.

Во согласност со Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, а врз начелата на приоритет и итност (во согласност со членот 50 став 1 од Уставот на Република Македонија), до донесувањето на конечната одлука за поништување на овие закони, на Уставниот суд му предлагам да донесе Решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на нив. Очекувам Уставниот суд најитно да постапи по иницијативите.