Лошо е што при секоја дестабилазација во светот, уметниците први страдаат и први се исечени од настапување. Ова нешто не е за оправдување и ние уметниците сме против војната. Ние преку музиката подаруваме енергија и тоа го работиме со љубов, што укажува дека сме против секое нелагодување во светот. Ние се соочивме не само со војна, туку и со светската пандемија каде уметниците пак настрадаа, кои последни ќе се вратат на својата работа и кариера, вели во раговор за „Локално“, оперски уметник, Дарко Тодоровски, кој студирал и завршил мастер студии во Русија.
Според оперскиот уметник тажно е што на уметниците им е попречена можноста да ги искажуваат нивните емоции, да бидат тоа што се и да го работат тоа што го работеле речиси целиот живот.
– Еден уметник е еднакво храбар колку и еден војник, затоа што за да се опстане во тешко време треба да се има храброст исто како на војникот кој се бори на фронтовите. Затоа ги почитувам сите мои колеги уметници, затоа што успеваме да се избориме и да опстанеме во овие тешки времиња. Јас, а верувам дека и моите колеги, не оправдувам вакво нешто, затоа што преку музика шириме мир во светот, но и љубов. Јас сум човек кој 5 години студирал во Москва, кој подеднакво има пријатели и во Москва и Украина и сите ние уметници сме исти, само сакаме да подариме љубов, среќа и уживање преку музика. За голема несреќа страдаме поради некои повеќе битни прашања во светот, но не помалку важни од културата, а музиката е еден голем дел од културата во светот, карактиризаа еден народ, наталитет, историја и ден денеска не пропратува во секој сегмент, но и ќе биде дел од иднината, додава Тодоровски.
Тодоровски тврди дека не станува збор за попречување на уметници од една нација, се работи за нешто што се провлекува со години, станува збор за политичка тема, а страадаат уметниците.
– Многу оперски пејачи, уметници, танчери, ги изгубија своите работни места за време на пандемијата, а оние кои успеаа да ги задржат ги изгубија сега. Ова за нас уметниците е голема штета, затоа што ние не сме свои без она што знаеме да го работиме, без сцената, а камо ли без работно место кое е важно да заработуваш за пристоен живот. Кога не можеш да застанеш на цврсти нозе, нема нешто полошо за еден уметник. Најважно е што ние уметниците зборуваме на ист јазик и се разбираме и не би рекол дека е бојкот кон уметници. Но, ќе научиме да живееме поцврсто во секакви околности, потенцира оперскиот уметник.
Според Тодоровски музичарите се неуништлив сој и се како пир, кој секогаш ќе изникне, без оглед колку пати ќе е уништуван и истребуван.
– Ние уметниците сме нешто што не изумира. „Железната завеса“ како што се спушта така и ќе се крене и се ќе се врати во нормала. По Студената војна сите народи се сплотија, а музиката се врати. Кога имаше пандемија, кога неможевме да настапуваме тоа го правевме од дома. И во овој случај кога настаните ќе гледаат на позитивна страна, уметниците ќе се вратат и железната завеса ќе биде крената, а војната ќе заврши.
Оперскиот уметник тврди дека театрите ги откажуваат своите настапи и посети, бидејќи се чуствуваат помалку сигурни. Оперските куќи се поврзани со државни органи и спаѓаат под државата и мора да делуваат така како што се налага од целокупната слика.
– Понекогаш ние уметниците немаме доволно право на слободен збор, што е многу лошо. Не го оправдувам овој потег на затворање на уметноста, но кога станува збор за безбедноста, тогаш апсолутно е разбирливо. Русија беше моја втора мајка за моето 5 годишно студирање, која ми овозможи да се стекнам со тоа што сум сега и не можам да кажам ништо лошо против Русија, а јас сум слободен уметник и свесно се дистанцирам од политика и кога еден уметник ќе стане дел од политика тогаш уметноста се губи, вели Тодоровски.
M.A.