„Тојота“ ќе инвестира околу 14 милијарди долари во производство на батерии до 2030 година

од Vladimir Zorba
323 прегледи

Јапонскиот автомобилски концерн „Тојота Мотор Корп.“ ќе инвестира скоро 14 милијарди американски долари во развој на батерии за електрични возила до 2030 година, потпирајќи се на следната генерација батерии и литиум-јонски пакети во обид да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид и да обезбедат дополнителен работен век за неговите хибридни возила како одговор на критиките за бавната трансформација, пренесе „Automotive News Europe“.

Компанијата ги претстави плановите за време на онлајн брифинг, а менаџментот рече дека „Тојота“ очекува да ги преполови цените на батериите во втората половина на деценијата.

Најголемиот светски производител на автомобили според пазарниот удел за 2020 година, се обидува да развие економски одржливи батерии со цврста состојба до 2025 година, посочува извршниот директор на „Тојота“, Масахико Меада, додавајќи дека минатата година групата започнала теренски тестови со прототип на таква батерија.

Компанијата размислува за употреба на батерии од новата генерација не само во целосно електрични автомобили, туку и во хибридни возила.

Тојота, исто така, планира да ја лансира литиум-јонската батерија од следната генерација во втората половина на деценијата, што ќе помогне да се постигне понатамошен напредок во намалувањето на цените и подобрување на перформансите на електричните автомобили.

„Со создавање систем за развој и за испорака, ќе го поттикнеме ширењето на електрични превозни средства, вклучително и автомобили на батерии“, рече Маеда.

Тојота очекува дополнителни придобивки од новоразвиената структура за батерии од никел-метал хидрид. Оваа таканаречена биполарна структура овозможува двојно зголемување на густината на енергија, како што беше воведена летово во редизајнираниот компактен хибрид „Аква“.

Подолг работен век, стабилност и безбедност се клучните критериуми за батериите на „Тојота“, рече Маеда.

Батеријата, која ќе се користи во претстојниот целосно електричен кросовер на Тојота, БЗ4X, ќе може да одржува 90 проценти од перформансите по една деценија употреба, соопшти „Тојота“.

Со инвестирање на 1,5 трилиони јени (13,7 милијарди американски долари) во развој на батерии до 2030 година, „Тојота“ сака да обезбеди 200 гигават-часови капацитет за производство на батерии до крајот на деценијата.

Групата планира да продаде 8 милиони електрични возила во 2030 година, вклучувајќи 2 милиони возила со електрични и водородни горивни ќелии.

Слични содржини