Бројот на новозаразени со коронавирус во градот домаќин на Олимписките игри, Токио, продолжува да руши неславни рекорди, бидејќи во последните 24 часа, вирусната инфекција е потврдена кај 4.058 луѓе во пошироката област на главниот град на Јапонија.
Откако дневниот број на новозаразени се одржуваше на околу 3.000 три последователни дена, денеска беше регистриран рекорден број на нови случаи.
Во меѓувреме, Организацискиот одбор на Олимписките игри (ОКОИ) во Токио утрово објави дека се потврдени уште 21 нов случај на коронавирус поврзан со Олимписките игри, како и дека нема спортисти меѓу новозаразените.
Како резултат на тоа, вкупниот број на заразени за време на Олимписките игри се искачи на 241, и тоа се претежно службеници вклучени во организацијата, порачуваат од ОКОИ, и истакнуваат дека ниту еден од пациентите не останал во Олимпиското село.