Топлината станува тивок убиец: Климатските промени го зголемуваат товарот од кардиоваскуларни заболувања во Австралија

од Марта Пешевска
24 прегледи

Кардиоваскуларните заболувања се втората најголема причина за фатален здравствен товар во Австралија, веднаш зад ракот. Овие заболувања, кои вклучуваат коронарна срцева болест, атријална фибрилација, срцеви удари, мозочен удар и срцева слабост, однесуваат илјадници животи годишно. Но сега, нова студија објавена во Европскиот журнал за кардиологија открива уште еден клучен фактор кој значително придонесува кон овој здравствен проблем, топлината.

Според истражувањето, високите температури, поттикнати од климатските промени, стануваат значаен и често потценет ризик за срцевото здравје. Водечкиот автор на студијата, проф. Пенг Би од Универзитетот во Аделаида, предупредува дека кардиоваскуларниот товар поврзан со топлина може да се удвои во следните 25 години ако трендот на глобално затоплување продолжи.

„Ова е алармантен повик до нашата заедница, здравствените служби и креаторите на политики“, изјави Би за „Дојче Веле“. „Топлината мора да биде препознаена како реална закана за јавното здравје.“

50.000 изгубени години здрав живот годишно

Анализата ги опфатила здравствените податоци на австралиското население од 2003 до 2018 година. Истражувачите откриле дека речиси 50.000 години здрав живот, мерени преку DALY (Disability-Adjusted Life Years), се губат секоја година поради срцеви заболувања предизвикани од високи температури.

Особено загрозени се луѓето што живеат во потоплите делови од Северната Територија, каде ризикот од топлински стрес е највисок. Истовремено, моделите покажуваат дека со растот на глобалните температури, бројот на случаи ќе се зголеми повеќе од двојно.

Ранливите групи под најголема закана

Професорот Би истакнува дека адаптацијата кон жештината ќе биде клучна, особено за ранливите групи – постарите лица, луѓето со хронични болести и оние со низок социоекономски статус. „Овие луѓе се изложени на најголем ризик, и потребни се системски мерки за нивна заштита“, вели тој.

Како дел од одговорот, локалните власти веќе започнаа со иницијативи како што е системот за телефонска проверка на постарите граѓани во екстремно топли денови, во соработка со Црвениот крст. Исто така, се препорачува едукација за промени во однесувањето и прилагодување кон топлотни услови, како носење лесна облека, хидратација и избегнување напор во најтоплиот дел од денот.

Глобален проблем во подем

Иако студијата ги анализира само австралиските податоци, експертите веруваат дека слични трендови се присутни и во други делови од светот. Проф. Филипо Креа, кардиолог од Католичкиот универзитет „Свето Срце“ во Рим, истакнува дека е „разумно да се претпостави“ дека климатските промени ќе имаат слично влијание и врз другите региони. Претходни истражувања веќе предупредуваат на слични сценарија: до 2100 година, 70% од населението во Индија би можело да биде изложено на неподнослива топлина, а во Мексико се предвидува зголемување од 32% на смртни случаи поврзани со топлина кај младите под 35 години.

Повик за итна акција

Австралиската студија додава нова димензија на веќе сериозниот проблем со климатските промени. Освен екстремните временски услови и пожарите, сега е јасно дека топлината директно ја загрозува и срцевата здравствена состојба на населението. Истражувачите апелираат дека справувањето со климатските промени не е само прашање на животна средина, туку и на јавно здравје, прашање кое бара итни, координирани мерки на сите нивоа.

Слични содржини