Тошковски за пасошите со старото име: Забраната за излез од Македонија ги крши правата на граѓаните

од Nikola Popovski
445 прегледи

Реално е до крајот на годината сите лични карти и возачки дозволи да бидат заменети со новото име на државата – Република Северна Македонија, вака изјави синоќа техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Според него, досега се заменети околу 525.000 возачки дозволи со новото име на државата, а остануваат да се заменат 272.000 возачки дозволи кои важат, но се со старото име на државата.

Со вонредните измени на Законот за безбедност на патиштата поднесени денеска во Собранието на Северна Македонија, неколку часа пред да стапи на сила забраната за користење на незаменети патни исправи, рокот за промена на старите дозволи е продолжен до 31 декември 2024 година.

Од полноќ стапува во сила одредбата согласно договорот од Преспа, со која престануваат да важат личните документи и регистарските таблички на автомобилите на граѓаните на државата, во кои не е внесено уставното име Република Северна Македонија.

Според надлежните, во земјава ќе продолжат да важат личните карти со старото име, но тоа не беше случај за возачките дозволи пред да се донесат измените на законот.

Од синоќа на полноќ, граѓаните на Северна Македонија кои немаат документи со новото име не можат да ја напуштат државата. Според Тошковски, станува збор за 650.000 пасоши кои се валидни, но мора да се заменат со ново име на државата.

Редици вчера се формираа и на местата за технички преглед во земјава, каде граѓаните кои се уште не ги замениле табличките на автомобилите со ознаката НМК можеа да добијат налепница што ќе ја залепат на табличките. Според Тошковски денеска биле поделени 350.000 налепници.

Според него, практично било невозможно не само во двете недели додека бил министер, туку и од 1 јуни 2022 година, кога е издаден првиот пасош со новото име на државата, да се заменат сите документи.

Повикувајќи се на Европската конвенција за човекови права и Универзалната декларација за човекови права, уставот на земјата и одлуките што веќе ги донесе Европскиот суд за човекови права во Стразбур, забраната за напуштање на граѓаните од Северна Македонија со пасошите со старото име, ги крши нивните права и „меѓународните партнери ќе разберат ако им се објасни вистинската состојба, бидејќи досега биле измамени“.

Во Договорот потпишан во 2018 година во Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу Скопје и Атина, се наведува дека во рок од 5 години од неговото потпишување, сите лични документи во Северна Македонија мора да бидат заменети. Тој рок истече денеска на полноќ.

Слични содржини