Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва на ТВ21 изјави дека му било срам кога го прочитал соопштението на Судот по снимката на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков како излегува од луксузен автомобил во Монте Карло.
„По донесено решение од страна на судија, надлежното известување го доставиле до надлежното министерство, па сега кого замајуваат сега, македонскиот народ, македонските граѓани, кого го замајуваат? Решение за условен отпуст и решение за враќање пасош се знае кој носи, не носи ниту Обвинителство, нити МВР, ниту министерство за култура, ниту вие како новинар. Јас не знам како не му беше срам на тој што го напишал тоа соопштение… да напише нормално да донесено е решение за враќање, да пасошот е доставен до МВР за да му биде вратен на предметното лице“, вели Тошковски.
Министерот Тошковски најави и дека ќе се кратат работните места во Министерството за внатрешна работа.
Како што истакна, има повеќе функционерски позиции отколку работници.
„Сега концептот на гранична полиција е поделен на 4 дела, имаме регионален центар север, југ, исток, запад, сите овие имаат началник. Началникот има помошник, секретарка, шофер, има советници, има општи и заеднички служби, има сметководителски служби, како да кажам сега наместо да има еден… А па сите овие 4 над нив имаат уште еден кој што врши контролно-надзорна улога, значи функции, функции, функции“, вели Тошковски.