Товарен авион се урна во Грција, експлозии на местото на несреќата

од Vladimir Zorba
149 прегледи

Товарен авион се урна во близина на Кавала во северна Грција, потврдија локалните власти.

Авионот Антонов-12, сопственост на украинска компанија, летал од Србија за Јордан кога се урнал во саботата вечерта, јавува Ројтерс.

Најпрво не се знаеше колку луѓе имало во авионот и дали има преживеани.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека авионот превезувал 12 тони товар кој го опиша како опасен.

Пилотот наводно побарал итно слетување на аеродромот во Кавала поради проблеми со моторот, но авионот не успеал да стигне до пистата.

Некои грчки медиуми наведуваат дека во авионот имало осум лица.

На видеата кои се појавија на социјалните мрежи се гледа како се спушта запалениот авион, а потоа се слуша силна експлозија откако ќе удри во земјата.

„Бев изненаден кога го слушнав моторот на авионот околу 22:45 часот. Излегов надвор и видов дека моторот гори“, изјави локалниот жител Јоргос Архонтопулос за телевизијата ЕРТ.

Експлозии слушнале и други сведоци, јавуваат неколку грчки медиуми.

Локалните власти соопштија дека седум противпожарни возила биле испратени да го изгаснат пожарот, но пожарникарите не можеле да стигнат до местото на несреќата поради постојаните експлозии.

„Го третираме товарот како да е опасен материјал“, изјави еден од пожарникарите за новинската агенција Ројтерс.

Специјалната единица за интервенција при катастрофи на Грција исто така го истражува местото на несреќата, пишува Ројтерс.