Индискиот милијардер Сунџај Капур, еден од најпознатите имиња во бизнис-заедницата и близок пријател на британското кралско семејство, почина ненадејно за време на натпревар по поло во Англија. Несреќата се случила во четвртокот, кога Капур, на возраст од 53 години, бил каснат од пчела во пределот на устата, што предизвикало силна алергиска реакција и срцев удар. Иако медицинска помош пристигнала веднаш, неговиот живот не можел да биде спасен.
Капур беше претседател на глобалната компанија „Сона Комстар“, производител на автомобилски делови со пазар во повеќе земји. Но, покрај деловниот свет, неговото име беше често присутно и во општествените кругови – како чест гостин на кралски настани и соиграч на принцот Вилијам во поло-натпревари. Смртта на Капур предизвика шок и тага и во Обединетото Кралство и во Индија. Од Кенсингтонската палата сè уште нема официјална изјава.
Во јавноста Капур беше познат и по својот приватен живот. Со боливудската актерка Каризма Капур беше во брак 13 години, со која има две деца – ќерка и син. Двојката се разведе во 2016 година. Неговото заминување зад себе остави празнина – и во деловниот свет, и меѓу луѓето кои го познаваа како добротвор, пријател и семеен човек.