Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов тврди дека претходната власт не го решила проблемот со македонскиот јазик во рамките на ЕУ. Како што вели, во Преговарачката рамка на Албанија стои дека албанскиот јазик ќе биде службен и официјален во ЕУ после нивниот прием. За македонскиот, како што додава Трајанов, нема такво нешто.
-Има само во заклучоците на Советот на ЕУ дека сите документи и директиви ќе се преведуваат на македонски јазик и кирилично писмо. Никаде нема и не знам зошто тоа власта не го користи. Нека посочат каде стои дека македонскиот јазик ќе биде официјален. Не стои тоа во оваа Преговарачка рамка. Имаше обид на европратеникот од Австрија да го внесе македонскиот идентитет и јазик, но, таму се реорганизираа и Европа покажа како ги почитува човековите права и правото на самоопределување. Во Извештајот го газат нашиот национален идентитет. Бугарија е членка на ЕУ и наметна свои ставови. Апелиравме и држевме прес-конференции и бевме блиску да постигнеме национален консензус, меѓутоа тогаш СДСМ и Димитар Ковачевски сметаа дека ако имаат монопол во процесот, дека ќе добијат поголема поддршка од граѓаните и се покажа како погрешна проценка. Тешко да има власт која може да го надмине овој проблем. Сакам да укажам дека оваа е апсурдна теза – европратеници да инсистираат во Извештајот да не постојат зборовите македонски идентитет и јазик, посочи Трајанов во емисијата „Само вистина“.