Директорот на на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски во днешното гостување на Канал 5 телевизија изјави дека успеале да ги детекрираат црните точни на патиштата и апелираше до возачите да внимаваат на сигнализацијата на патиштата.
Трајановски за експресниот пат Градско-Прилеп каде по неколку месеци од пуштањето во употреба има пет жртви, Трајановски рече дека ќе има нова подобрена сообраќајна сигнализација.
-Тоа е еден од новите патишта што ги пуштивме во текот на изминатава година, сето тоа е направено според законски важечки прописи. Но, со оглед на тоа дека имаше повеќе жртви на овој пат, ние веќе направивме проект и тој е даден во Министерството за транспорт. Очекуваме за многу краток период да биде одобрен од Министерството по што ќе пристапиме кон поставување нова сообраќајна сигнализација за којашто сметаме дека ќе ги намали сообраќајните несреќи со што ќе се намалат шансите за евентуални жртви, рече Трајановски во гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.
Во однос на лошата состојба на скопската обиколница, Трајановски рече дека наредната година се планира нејзина поголема реконструкција.
-Гледаме да ги детектираме сите овие критични точки, и најнапред на нив да реагираме. Кај клучката Хиподром имаше лоша состојба на патот – тоа веќе го решивме, кај хотелот „Белви“ ја решивме, а за обиколницата, којашто е приоритет, правиме проект согласно кој би требало да се направи една малку поголема реконструкција и за тоа правиме проекти. Сметаме дека таму треба да го решиме со кредити. И за тријаголникот Миладиновци-Петровец-Хиподром сме во преговори со Светска банка и други банки. Се надеваме дека следна година ќе почнеме со нивна реконструкција, рече Трајановски и додаде дека мора да се одвојуваат повеќе средства од буџетот на ЈПДП и од Владата за одржување на постојните патни правци.