Трајче Сенев нов шеф на стручниот штаб на Брегалница

од Симе Стоиков
153 прегледи

Искусниот македонски стратег Трајче Сенев е именуван за нов шеф на стручниот штаб на Брегалница, кој до крајот на сезоната ќе треба да се избори за опстанок во елитното друштво со „сините“.

Сенев повторно се враќа во својата Брегалница, сега на местото на Горан Здравков, и повторно во момент кога вистински е потребен на клубот во битката за останување во Првата македонска фудбалска лига. Трајче Сенев е препознатлив за фудбалски Штип токму и по сезоната 2011/2012 кога, доаѓајќи како тренер среде сезона, успеа да го извлече најдоброто од Брегалница на крајот завршувајќи на петтото место во најсилниот домашен шампионат.

Во својата кариера Сенев беше тренер и на Силекс во кризните моменти за клубот, како и на Осогово и Кожуф. Токму искуството и начинот на работа од спортски и психолошки аспект, беа пресудни раководството на Брегалница да се одлучи да го именува за нов тренер до крајот на сезоната.

„Се одлучивме за искусен тренер и докажан познавач на состојбите во Брегалница кој секогаш бил со клубот во најтешките негови моменти на прволигашката сцена. Со Сенев, кој беше дел и од тимот поврзан со основањето и почетното функционирање на Кит Го, но и тренер на Силекс, Осогово и Кожуф, не поврзуваат и долги години заедничка соработка поради што сега ја даваме довербата за водство и на Брегалница. Искрено веруваме во овој тим на Брегалница, кој сигурно и согласно индивидуалниот квалитет, може многу повеќе на домашната сцена. Убедени сме дека фудбалерите заедно со новиот стручен штаб ќе умеат да ја вратат Брегалница на вистинските патеки и местото кое го заслужува во македонскиот фудбал“ – порачуваат од ФК Брегалница по именувањето на новиот стручен штаб.

Во новиот стручен штаб нема да биде и Ангел Темелков, кој исто така од морална одговорност, се повлекува од стручниот штаб заедно и со досегашниот прв тренер Горан Здравков. ФК Брегалница и на двајцата искрено им благодари за целокупниот досегашен ангажман во клубот, и им посакува успешни кариери во иднина.

Слични содржини