
Победникот во вчерашното издание на суперфиналното шоу „Ѕвездичките на Пинк“, беше Марија Сердар, 13-годишната девојка со неверојатен глас, која воодушеви уште од првата своја аудиција и ја доведе Јелена Томашевиќ до солзи.
Нашиот прекрасен претставник Трајче Георгиев од Струмица кој беше еден од фаворитите на шоуто уште од почетокот заврши втор во битката помеѓу него и Марија. Третото и четврто место го освоија Павле Васиљевиќ и Лена Стаменковиќ.
Во суперфиналната емисија на „Ѕвездичките на Пинк“ се натпреваруваа 10-те најдобри суперфиналисти, кои иако на различна возраст, покажаа неверојатен талент.
За тоа кој ќе победи одлучуваа гласовите од публиката испратени по СМС пораки.
Во последниот дуел Трајче ја изведе темата „When I Was Your Man“ од Бруно Марс, а по него на сцена излезе Марија која ја изведе „Јутро“ од Јелена Томашевиќ.
Инаку 14 годишниот Георгиев од жирито освои многу пофалби за неговите маестрални изведби и за емоциите кои ги пренесува на сцена, а пејачката Гоца Тржан го покани да и биде специјален гостин на нејзиниот настап на 19 јули во рамките на прилепски Пиво фест.
