Постоењето на кафуле на просторот на зелениот кров е во секој случај идеја чија практичност сметаме дека е несомнена. Повеќе од јасно е дека придобивките од кафуле на тој простор би биле повеќеслојни – како за посетителите, така и за самиот ГТЦ, вели во интервју за Локално директорот на Градскиот Трговски Центар, Ѓоко Трајчевски.
Според него, на тој начин, посетителите би имале можност почесто да ја посетуваат и да уживаат во зелената градина, а доколку би имало кафуле, за ГТЦ проектот би бил самоодржлив.
„Не треба да се заборави дека таа зелена градина треба да се одржува, како и во неа понатаму да се вложува. Со постоењето на кафуле, на извесен начин би биле покриени дел од тие трошоци кои ќе се генерираат за ГТЦ. Што се однесува до тоа дали ќе има кафуле или некаков друг тип на понуда за посетителите, во моментот се уште не се размислува на таа тема. Сите кои учествуваат во овој проект се максимално насочени негово успешно завршување и пуштање во употреба“, вели тој во интервјуто.
Локално: Што претставуваше објектот на зелениот покрив на Градскиот Трговски Центар, кој под притисок на јавноста беше урнат при градбата?
Ѓ.Т.: Пред се, реализацијата на зелен покрив на ГТЦ претставува пресвртница во уредувањето на зелени кровни градини на јавните површини во Градот Скопје. Благодарение на Градот, кој е првата институција која покажала интерес и желба за инвестирање и разубавување на ГТЦ, Скопје ќе добие современо катче, односно т.н. rooftop garden. Во основата на проектот „Зелен покрив на ГТЦ“ од самиот почеток е желбата еден, од повеќе аспекти проблематичен и неатрактивен простор, не само да заживее, туку и да придонесе кон намалувањето на температурата во централното градско подрачје. Од тие причини, проектот и беше претставен и достапен на јавноста, која подоцна беше и вклучена во негова анализа. Од иницијално претставениот проект досега, консултациите околу проектот и анализата на истиот беа извршени помеѓу јавноста, Градот Скопје и ГТЦ.
Локално: Кој беше инвеститорот на објектот?
Ѓ.Т.: Како што веќе знаете, целокупниот проект е финансиран од страна на Градот Скопје, додека изборот на изведувач на проектот е извршен од страна на УНДП. Оттука, не станува збор за „инвеститор на објектот“ туку станува збор за целокупно финансиран проект, токму онаков каков што и беше презентиран на јавноста.
Локално: Дали по уривањето ГТЦ сноси некакви последици?
Ѓ.Т.: Имајќи ги предвид континуираните проблеми со попуштената хидро-изолација, особено на тој дел од кровот на ГТЦ, што со себе носеше и прокиснувања на деловните простори, можеби над 30-тина години, како и имајќи предвид дека Градскиот Трговски Центар е една од најжешките урбани точки во Скопје, тешко дека може да се коментира за некакви последици од овој проект. Имено, покрај тоа што со изградбата на зелениот кров ќе се реши проблемот со температурната разлика од околу 10 степени помеѓу плоштадот и покривот на ГТЦ, со ваквиот проект ќе заживее еден сосема неискористен простор и ГТЦ ќе ја зголеми својата атрактивност и вредност. Од друга страна, навистина е чест да се биде дел од првите чекори кон модерно, урбано Скопје, Скопје кое преку се почестата изведба на вакви зелени кровови ќе се грижи за поголема заштита на животната средина и кое ќе ги следи светските трендови. Она што за ГТЦ можеби ќе биде последица е неможноста да се обезбеди соодветен простор за персоналот на ГТЦ кој ќе се обучува за понатаму самостојно да го одржува зеленилото, непостоењето на простор во кој била сместена автоматиката за електронскиот систем за наводнување, како и непостоењето на тоалети, со оглед на тоа дека станува збор за релативно голема површина на која посетителите би го поминувале своето време. Сепак, длабоко сум убеден дека секогаш и за се може да се изнајде оптимално решение, како и дека по реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие ново катче со кое сите ќе се гордееме.
Локално: Каков бенефит ќе имаше ГТЦ од кафулето на зелениот покривв кое се урна под притисок на јавноста?
Ѓ.Т.: Најпрвин, под притисок на јавноста не се урна кафуле, туку објект на зелениот кров кој од самиот почеток беше предвиден во проектот и кој требаше да биде употребен за повеќе намени, меѓу кои, во претходните прашања веќе елабориравме еден дел, кој е многу битен за ГТЦ.
Локално: Колкава штета му се направи на Градскиот Трговски Центар со тоа што нема да има кафуле на зелениот покрив?
Ѓ.Т.: За да зборуваме за штета (бидејќи тој е терминот кој Вие го употребувате), пред се е потребно да станува збор за остварување на некаков вид на приход. Во моментот, проектот се уште е во фаза на реализација, а како што веќе напоменав претходно, ГТЦ во секој поглед има корист од реализација на проект од вакви размери.
Локално: Ќе има ли кафуле или некаков друг тип на понуда за посетителите на зелениот покрив, откако овој план не успеа?
Ѓ.Т.: Постоењето на кафуле на просторот на зелениот кров е во секој случај идеја чија практичност сметаме дека е несомнена. Повеќе од јасно е дека придобивките од кафуле на тој простор би биле повеќеслојни – како за посетителите, така и за самиот ГТЦ. Имено, на тој начин, посетителите би имале можност почесто да ја посетуваат и да уживаат во зелената градина, а доколку би имало кафуле, за ГТЦ проектот би бил самоодржлив. Не треба да се заборави дека таа зелена градина треба да се одржува, како и во неа понатаму да се вложува. Со постоењето на кафуле, на извесен начин би биле покриени дел од тие трошоци кои ќе се генерираат за ГТЦ. Што се однесува до тоа дали ќе има кафуле или некаков друг тип на понуда за посетителите, во моментот се уште не се размислува на таа тема. Сите кои учествуваат во овој проект се максимално насочени негово успешно завршување и пуштање во употреба.
Александар Тодески
Фото: Борче Поповски