Во услови на неизвесност, најдобро би било да се биде претпазлив и сите мерки да се засилат, а не намерно да се олабавуваат, како што прават нашите здравствени власти. Нивното несериозно однесување, само за време на делта сојот веќе донесе 2.400 официјално потврдени смртни случаи. Во Битола велиме: „сто стапови по туѓ г.. ич не болат“, па така и на власта воопшто не и беше гајле ни досега, а нема да и биде гајле ни отсега за страдањата на луѓето. Значи, мора повеќе да се внимава, вели во своајата ковид анализа професор Дејан Трајковски.
-Всушност, власта е генератор на неодговорно и ноншалантно однесување. Најмалку што би можела да направи, би требало на населението да му укаже дека кафеаните се опасни места, а тоа што се отворени – воопшто не значи дека се и безбедни. Второ, да им укаже на луѓето дека таму влегуваат на сопствен ризик. Некој можеби и би се подзамислил пред да влезе и да се зарази, а вака безгрижно влегува, бидејќи нема кој да му каже дека тоа не е безбедно. Можеби за нив лично е безбедно, но гледаме колку стари и болни лица , кои не влегувале никаде, туку вирусот им бил донесен дома, умреле поради таквото размислување (поточно отсуство на размислување).
Во услови на неизвесен развој на настаните, особено кога повеќето земји преземаат засилени мерки, предострожноста може да донесе само корист, никако штета. Една работа што ја научив од авијацијата, како ризична активност, може многу добро да се примени и во случајот на епидемијата. Имено, доколку имаме нејасна ситуација и изборот е помеѓу „да“ и „не“, во авијацијата секогаш се избира – „не“. Ова едноставно правило, напишано со крв, спасило и допрва ќе спасува животи. Зар не би можеле да бидеме малку порационални и да користиме паметни правила, наместо да се потпираме на непромислените правила на политичарите?, пишува на Фесјбук Трајковски.