Трајковски: Раното намалување на бројот на умрени кажува дека омикрон сојот кај нас се ширел најмалку 2-3 недели

од Берта Китинска
856 прегледи

Ефективниот репродукциски број Rt одново, но многу побргу отколку во претходните бранови, се најде во зоната на екстремно високи вредности, над 2,0. Многу рано, но што е уште позагрижувачки, овие високи вредности се случуваат при висок број на нови случаи, а тие допрва ќе искачуваат нагоре, пишува во својата нова ковид-анализа проф Дејан Трајковски.

-Стапката на позитивни тестови денеска исстрела над 20%, а нејзината подвижна средина започна необично стрмо да искачува (сината и црвената линија на дијаграмот на втората слика). Сето тоа се случува за многу кратко време од сé на сé неколку дена, поточно откако омикрон сојот започна да доминира. Слично како кај репродукцискиот број Rt, ова е само почеток и можно е да видиме стапки околу 40%, т.е. сеопшто заразување на популацијата откако омикрон сојот достигне стопроцентна застапеност. Да не заборавиме, ова е само почеток, а големите бројки и проценти допрва доаѓаат.

Но, за разлика од овие застрашувачки, нагорни трендови за новозаразувањето, кај смртноста сликата е многу пооптимистичка, односно практично дијаметрално спротивна. Поради празниците изгледа како да нема никој во МЗ од системот „Мој термин“ да ги прочита броевите на „заборавените“ починати, но дури и без нив забележуваме неверојатен пад во дневниот број на починати, т.е. дневниот морталитет (портокаловата линија на дијаграмот на третата слика), како и во стапката на леталитет (сината линија на дијаграмот н четвртата слика).

Ова рано намалување на бројот на умрени кажува дека омикрон сојот кај нас се ширел најмалку 2-3 недели. Поради големиот наплив на нови случаи деновиве, по една недела ќе видиме пораст на бројот на починатите, но стапката на леталитет (процентот на починати од новозаразените) ќе продолжи да се намалува, веројатно до помалку од 1%.

Да ги почекаме броевите на „заборавени“ починати од „Мој термин“, но ако по утрото денот се познава, поради високата прележаност на населението со секој нареден бран леталитетот станува сé помал и помал. Доколку имавме поголем опфат со вакцинација, како на пример во Велика Британија или Данска, немаше да има потреба нискиот леталитет да го плаќаме со досегашната прележаност и највисокиот одвишен морталитет на светот. Разликата е што таму 90% луѓето самите оделе да се вакцинираат, а тука дури ни разните условувања не помогнале за да победи разумот. Впрочем, бројот на умрени кажува сé, ама памет со инка не се турива, пишува Трајковски.

Слични содржини