Социјалната зграда во општина Кочани ќе обезбеди покрив над глава на 34 семејства од социјално ранливи категории граѓани. Генералниот директор на АДИССДП, Кристијан Трајковски, кој заедно со Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, изврши увид во почетокот на градежните работи, посочи дека рокот за изградба е 18 месеци, иако, како што рече, се надева дека и оваа како многу од претходните згради ќе биде завршена пред зацртаниот термин.
-Веќе е започната и изградбата на социјалната зграда во Пехчево, а до крајот на месецот се очекува да се започне со изградба и на објектот во општина Сарај. Двете згради, кои ги најавивме претходно, во Прилеп и во Штип, за кои веќе се доставени сите проектни документации, очекувам во месец октомври да започнеме со изградба и со нивното завршување го заокружуваме проектот Ф/П 1674, рече Трајковски.
Директорот на Друштвото потврди дека веќе во октомври штом се заврши со изградбата на овие згради и се дадат на употреба ќе се потпише нов проект со Банка за развој при Советот на Европа, кој треба да обезбеди изградба на објекти од овој тип на уште 20 локации.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, истакна дека изградбата на овие згради е пример за тоа како оваа влада активно работи на социјална и станбена заштита на ранливите категории на граѓани
– Овој објект на кој денеска се наоѓаме е соработка меѓу АДИССДП и Министерството за транспорт и врски. И не само овде во Кочани, ги завршивме и зградите во Виница и Пробиштип, Свети Николе и Гостивар и откако ќе бидат комплетирани сите административни постапки ќе распишеме и јавни огласи за распределба на овие станови, посочи Министерот Бочварски.
Изградбата на оваа зграда изнесува речиси 1 милион евра.