Професорот на универзитетот „Св. Климент Охридски“, Дејан Трајковски, кој преку неговите математичко статистички анализи го пресметува движењето на ковид-пандемијата, информира дека изминува четвртата недела од почетокот на петтиот бран на коронавирусот и дневните броеви на новодијагностицирани моментално растат најбргу од почетокот на бранот.
-Меѓутоа, темпото на раст е значително помало од претходните бранови, односно ефективниот репродукцисики број нема многу високи вредности. Во наредните 3 недели бројките сé уште ќе растат, но со се помало темпо, како што репродукцискиот број ќе се намалува кон единица. Врвот на бранот на дневните бројки ќе биде достигнат кога репродукцискиот број ќе опадне на единица и според сегашната динамика се очекува бројките да се максимираат на околу 700-1000 нови случаи дневно и тоа на почетокот од август, објаснува Трајковски.
Тој појаснува дека бројот на хоспитализирани е симболичен.
-Независно од големите дневни бројки на нови случаи, бројот на хоспитализирани е симболичен, односно во неделата имало само 24 хоспитализирани во целата земја. Дури и со сегашниот мал број на тестирања, се добива многу ниска стапка на хоспитализираност од околу 1%. Оваа стапка е пониска дури и од стапката што ја имавме зимата, за време на изворниот омикрон сој, а да не зборуваме за некогашните стапки, коишто долго време изнесуваа над 10%, додава професорот.
Трајковски информира дека во нашата земја досега се вакцинирани преку 856 илјади лица, односно околу 46% од вкупната популација од 1,8 милиони жители.
-Кај постарите од 65 години опфатот со вакцинација е уште поголем, односно близу 80%, така што најзагрозените сепак сé уште имаат солидна вакцинална заштита од тешка форма на болеста, вели Трајковски и ги коментира резултатите од една скорешна студија на која се повикуваат во американската CDC (Center for Desease Control) за ефективноста на четвртата доза вакцини кај постарите од 50 години.
-Се покажало дека кај лицата коишто примиле четврта доза морталитетот бил за 4,4 пати понизок отколку кај вакцинираните со три дози, а 40 пати понизок отколку кај невакцинираните. Иако ова изгледа драматично, сепак не е толку многу. Брзата пресметка со овие бројки кажува дека ефективноста на четвртата доза против смртен исход изнесува околу 97,5% (40 пати помал морталитет во однос на невакцинираните), додека ефективноста на третата доза изнесувала околу 90%, што и не е лошо. Иако нема податоци за ефективноста од втората доза (после толку многу време), истата не би требало да биде пониска од 80%, што значи дека и само две дози го намалуваат морталитетот за најмалку 5 пати во однос на невакцинираните.
Накратко, 4 дози го намалуваат морталитетот на занемарливо ниско ниво, додека 2 или 3 дози го намалуваат морталитетот на релативно ниско ниво. Уште еден важен заклучок од студијата е дека ефектот на четвртата доза се должи на временскиот фактор, односно скорешното аплицирање на вакцината. После неколку месеци нејзината ефективност ќе се намали и ќе ја достигне ефективноста на 2 или 3 дози (што ја имаат денеска). Заклучок: сите имунокомпромитирани лица (стари, дијабетичари и други ризични групи) би требало да се вакцинираат на секои 6 месеци, доколку сакаат да го одржуваат ризикот на занемарливо ниво. Доколку се спремни да прифатат повисок ризик, дури и 2 или 3 дози даваат задоволителна заштита, пишува проф. Трајковски.