Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повторно ја нападна Европската Унија, велејќи дека во многу аспекти е полоша од Кина, само неколку часа откако Вашингтон и Пекинг постигнаа договор за намалување на меѓусебните царини и деескалација на трговската војна.
„Европската Унија е во многу аспекти погадна од Кина, во ред?“ изјави Трамп, критикувајќи ја Унијата, и додаде: „Тие играат валкано, но ќе попуштат. Само гледајте. Ние ги држиме сите карти во свои раце. Тие се однесуваат многу неправедно кон нас“.
И покрај бројните обиди на Брисел да преговара за укинување на царините наметнати од Трамп за европските стоки, ЕУ сè уште не постигна напредок.
Изјавите на Трамп претставуваат значаен пресврт од неговите пофални зборови за претседателката на Европската комисија минатата недела, кога ја нарече Урсула фон дер Лајен „фантастична“ и изрази надеж дека наскоро ќе се сретнат.
Брисел нуди отстапки
Иако Трамп веќе се сретна со голем број европски лидери, фон дер Лајен сè уште не го договорила својот состанок со американскиот претседател. Таа минатата недела изјави дека состанокот ќе се одржи само ако на маса е „конкретен“ договорлив трговски пакет.
Брисел минатата недела понуди низа можни отстапки, вклучувајќи ублажување на регулаторните правила и заеднички напори за ограничување на кинеското прекумерно производство, но исто така се закани со царини за американски стоки во вредност од 95 милијарди евра доколку разговорите застојат. Главниот советник на Трамп за трговија, Питер Наваро, ја нарече можната контраофанзива провокативна.
Новите острите забелешки на Трамп доаѓаат откако САД и Кина се согласија да ги намалат царините еден врз друг по разговорите меѓу американскиот секретар за финансии Скот Бесент, трговскиот претставник Џејмисон Грир и кинеските претставници во Швајцарија.
САД привремено ќе ги намалат царините на Трамп за кинески увоз од 145 проценти на 30 проценти, додека Кина ќе ги намали своите мерки од 125 проценти на 10 проценти. Оваа суспензија важи 90 дена, што отвора простор за понатамошни преговори.
„Тарифите на Денот на ослободувањето“ на Трамп, кои тој ги воведе во земјите ширум светот, вклучително и во ЕУ, предизвикаа потреси на финансиските пазари. Во обид да го поправи она што го смета за неправеден однос на Европа со САД, Трамп воведе основна царина од 10 проценти и дополнителни царини од 25 проценти за автомобили и метали, а најавени се и нови мерки, сите со цел враќање на производството во САД по загубите предизвикани од глобализацијата.
Трамп ги даде овие изјави за ЕУ во контекст на презентирање на нов план за цените на лековите, со кој сака да ги принуди фармацевтските компании да продаваат лекови во САД по најниската цена што ја нудат насекаде во светот.