Трамп: Ги удвојуваме царините за Канада, одат на 50 отсто

од Milan1
49 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ги удвои планираните царини за канадскиот челик и алуминиум од 25% на 50%, што ја ескалира трговската војна со северниот сосед на САД.

Трамп рече дека зголемувањето на царините што ќе стапи на сила во среда е одговор на зголемувањето на царините наметнати од провинциската влада на Онтарио за електричната енергија продадена на Соединетите држави.

„Му наложив на мојот секретар за трговија да воведе дополнителни царини од 25 отсто, односно на зголемување на 50 отсто, за целиот челик и алуминиум што доаѓаат во САД од Канада“, објави Трамп на неговата социјална мрежа „Вистина“ (Truth Social).

„Единственото нешто што би имало смисла е Канада да стане нашата сакана 51-та држава. Тоа целосно ќе ги елиминира сите царини и сè друго. На Канаѓаните би им биле значително намалени даноците, би биле побезбедни воено од кога било досега, нема да има повеќе проблеми на северната граница, а најголемата и најмоќната нација во светот би била поголема, подобра и посилна од кога било“, напиша Трамп.

„Вештачката линија на поделба нацртана пред толку многу години конечно ќе исчезне, и ќе ја имаме најбезбедната и најубавата нација од било каде во светот и вашата брилијантна химна, „О Канада“, ќе продолжи да свири, но ќе претставува голема и моќна сојузна држава во склоп на најдобрата нација што светот некогаш ја видел!“ напиша Трамп.

Пад на берзата

Американските берзи паднаа веднаш по објавата на Трамп. Минатата недела Трамп најпрвин воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, но потоа ги паузираше до 2 април. Тој тврди дека царините се одговор на неприфатливиот прилив на илегални дроги и недокументирани мигранти во САД од овие две соседни земји.

Премиерот на Онтарио Даг Форд вчера објави дополнителен надомест за извозот на електрична енергија за 1,5 милиони американски домови и бизниси што Онтарио ги снабдува во Минесота, Мичиген и Њујорк. „Ќе извршиме максимален притисок за да го зголемиме нашето влијание“, рече тој.

Според Форд, се проценува дека доплатата ќе чини до 400.000 канадски долари или околу 277.200 американски долари дневно, а на сметката на секој американски клиент ќе додава околу 100 канадски долари месечно.

„Да бидам јасен, нема да се двоумам да ја зголемам оваа такса доколку е потребно. Доколку САД ја ескалира ситуацијата, јас нема да се двоумам целосно да ја прекинам струјата“, додаде тој.

Трамп ги удвои царините за Кина

Минатата недела Трамп ги зголеми царините за кинески производи на 20%, а исто така го на увозот од Мексико и Канада воведе нови царини од 25%. Сепак, само два дена подоцна, администрацијата иззема многу производи од овие мерки, што дополнително ја зголеми неизвесноста на пазарот.

Кина вчера одговори со контрамерки, воведувајќи нови царини од 10% до 15% за американскиот извоз на пилешко, говедско, свинско месо, пченица и соја.

Потврдата на Трамп дека претходно ќе воведе царини ги потресе финансиските пазари, а канадскиот долар и мексиканскиот пезос паднаа во однос на доларот.

Пад на берзите по говорот на Трамп за „преодниот период“.

Распродажбата на американските акции дополнително се забрза вчера, поттикната од зголемената загриженост за трошоците од трговската војна за најголемата светска економија. „S&P 500“ – индекс што ги следи најголемите американски компании – падна за околу 2% во почетокот на тргувањето, додека „Dow Jones“ падна за 0,9%, а „Nasdaq“ потона повеќе од 3,5%.

Падот на берзата дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп директно не одговори на прашањата за можна рецесија или раст на цените поради новите царини. Наместо тоа, тој изјави дека тоа е „период на транзиција“.

Сепак, министерот за трговија Хауард Лутник тврди дека САД нема да влезат во рецесија, иако признава дека цените на одредени производи може да се зголемат.

„Нивото на царини што Трамп ги наметнува несомнено ќе предизвика инфлација“, изјави за Би-Би-Си Рејчел Винтер, инвестициска менаџерка во финансиската фирма „Килик и Ко“.

Економскиот аналитичар Мохамед Ел-Еријан нагласи дека инвеститорите претходно биле оптимисти за плановите на Трамп за дерегулација и пониски даноци, но го потцениле ризикот од трговска војна.

„Пазарот сега е во фаза на целосна промена на очекувањата“, рече Ел-Еријан, додавајќи дека бизнисите и домаќинствата почнале да ги одложуваат трошоците поради неизвесноста, што може да го забави растот на американската економија.

Слични содржини