Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша милијардерот Илон Маск, кој раководи со Одделот за владина ефикасност, како „добар бизнисмен“, „брилијантен“, „добра личност“, „патриот“ и „најпаметен човек“, додека Маск се претстави како „технолог“ со мисија да го подобри светот.
Трамп и Маск го кажаа ова за време на заедничкото гостување на Фокс њуз, додека разговараа за мерките за намалување на бирократијата во американската влада.
Носејќи маица со зборовите „техничка поддршка“, Маск објасни дека неговата улога е да му обезбеди технолошка поддршка на Трамп во спроведувањето на неговите извршни наредби, опишувајќи ја неговата работа како „отсекување на бирократијата во обид да се врати демократијата и волјата на народот“, додавајќи дека има за цел да го намали американскиот дефицит.
Тој рече и дека решил силно да ја поддржи кампањата на Трамп за изборите одржани во ноември минатата година по обидот за негов атентат во Батлер, Пенсилванија, за време на изборната кампања, пренесува Танјуг.