„Почитуваниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, е навистина силен и моќен лидер и се докажа со феноменални резултати. Ја сака својата земја и народ и неуморно се бори за нив, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави. Виктор вредно работи за да ја заштити Унгарија, да ја зајакне економијата, да создаде работни места, да ја унапреди трговијата, да ја запре нелегалната имиграција и да обезбеди закон и ред“, изјави Трамп.
Тој истакна дека соработката меѓу двете земји за време на неговата администрација „достигнала нови височини и спектакуларни постигнувања, најмногу благодарение на премиерот Орбан“. „Се радувам на продолжување на блиската соработка со него, за нашите земји дополнително да напредуваат на овој одличен пат кон УСПЕХ и соработка. Ми беше чест да го поддржам Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е тоа да го направам повторно.
Изборите во Унгарија се на 12 април 2026 година: ИЗЛЕЗЕТЕ И ГЛАСАЈТЕ ЗА ВИКТОР ОРБАН. Тој е вистински пријател, борец и ПОБЕДНИК и ја има мојата целосна и безрезервна поддршка за реизбор како премиер на Унгарија – ВИКТОР ОРБАН НИКОГАШ НЕМА ДА ГО РАЗОЧАРА ГОЛЕМИОТ НАРОД НА УНГАРИЈА. СО НЕГО СУМ ДО КРАЈ!“, порача Трамп.
Орбан, еден од најблиските сојузници на Трамп во Европа, долго време е во судир со Европската унија поради низа прашања, вклучително и Украина. Спротивставувајќи се на Брисел, тој одржува блиски односи со Москва, одбива да испраќа оружје во Украина и тврди дека Киев никогаш не може да стане членка на Унијата.
Орбан кон крајот на минатата недела доби поддршка и од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Унгарскиот премиер Виктор Орбан значи стабилност, безбедност и одбрана“, изјави израелскиот премиер во видео-порака испратена до конференцијата CPAC Hungary 2026, која се одржа во Будимпешта во саботата.
Предизборните анкети ѝ даваат значителна предност на опозицискиот лидер Петер Маѓар и неговата партија Тиса во однос на актуелниот премиер Орбан и неговата партија Фидес.
Изборите, кои се одржуваат во време кога Унгарија се соочува со слаб економски раст и последиците од зголемената инфлација по руската инвазија врз Украина во 2022 година, ќе имаат значајни последици за Европа во услови на зајакнување на конзервативните и крајно десничарските политички движења, пишува „Ројтерс“.