Трамп и Путин се договориле? Европските министри порачаа: „Одлуките без Европа не ви вредат ништо“

од Milan1
39 прегледи

Шефовите на шпанската, германската и француската дипломатија денеска во Париз изјавија дека не може да се донесе одлука за Украина без Киев и без учество на Европа, што е реакција на договорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за итно започнување на преговорите за Украина.

„Нема да има праведен и траен мир во Украина без учество на Европејците“, предупреди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, додека германската министерка Аналена Бербок и шпанскиот колега Хозе Мануел Албарес Буено тврдат дека не може да се донесе одлука за Украина без Украина.

„Зборуваме за суверена земја со демократски избрана влада. Покрај тоа, ништо што влијае на европската безбедност а, руската агресија врз Украина директно ја загрозува европската безбедност, не може да се реши без Европа“, е дециден Албарес Буено.

„Нема одлука за Украина без Украина“, јасна е Бербок, нагласувајќи дека Европа мора да остане обединета. Полскиот министер Радослав Сикорски ја истакна потребата да се зајакне поддршката за Украина и се заложи за блиска трансатлантска соработка.

Министрите зборуваа пред состанокот во Париз за европската одбрана и Украина, на кој ќе се соберат Франција, Германија, Полска, Шпанија, Италија, Обединетото Кралство и Украина.

Средбата ќе се одржи откако американскиот и рускиот претседател разговарале по телефон повеќе од еден час, при што се договориле да започнат преговори за итно завршување на конфликтот во Украина, соопшти кабинетот на американскиот претседател.

„Светот не е џунгла“, изјави шефот на шпанската дипломатија. Имаме светски поредок заснован на Повелбата на ОН кој функционира од крајот на Втората светска војна за доброто на сите“, потсети Буено.

Слични содржини