Триумфот на милијардерот на „супер вторникот“ е добра вест за демократите, додека републиканците се во очај, а можеби и пред раскол
Дека Американците во ноември ќе бираат меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп, се чини е се повозможно поради нивните убедливи водства, по кои повеќе нема сомнеж дека во Републиканската партија почна „граѓанска војна‟.
„Супер вторникот“, ден кога двете најголеми партии во САД одржуваат прелиминарни избори во 10 држави, мина во знакот на поранешната прва дама и тајкунот од Њујорк. Поранешната државна секретарка ппбеди во седум од 11 држави. Триумфираше во јужните држави со голема афроамериканска популација (Тексас, Тенеси, Арканзас, Алабама, Вирџинија), додека со мала разлика победи во Масачусетс, што е нејзин прв „поен‟ во либералната Нова Англија, која до сега гласаше за нејзиниот партиски ривал Берни Сандерс. Сентарот од Вермонт, пак, освен од државата од која доаѓа, победи и во три други (Колорадо, Минесота и Оклахома).
Медиумите му порачуваат на социјалдемократот Сандерс, за кого гласаат белците, младите и високо образованите, дека е време да се повлече, но тој изјави дека ќе се бори до крај, т.е. до конвенцијата во јули кога Демократската партија официјално ќе го именува својот кандидат за претседател.
Припадничката на моќната политичка династија верува дека работата е решена, па затоа во победничкиот говор повеќе му се обраќаше на Трамп отколку на Сандерс. Таа истакна дека на САД не им требаат поделби и ѕидови, што е алузија на ветувањето на Трамп дека ќе подигне бедем на границата со Мексико за да ја спречи илегалната имиграција.
Бизнисменот од светот на шоу-бизнисот, недвижностите и коцкарниците го потврди статусот на водечки конзервативен претендент за Белата куќа, што ја загрижи неговата веќе испаничена Републиканска партија. Тој освои најголем број гласови во Алабама, Џорџија, Тенеси, Вирџинија, Арканзас, Вермонт и Масачусетс, докажувајќи дека може да ги придобие слабо образованите, сиромашните, фундаменталните христијани на југот и високо образованите, богатите и умерени симпатизери на републиканците од источниот брег.
Трамп е политички некоректен аутсајдер кој рече најлоши работи токму за сопствената партија и нејзините лидери, со кои не се согласува за многу работи – зазема есктремно десничарски став кон муслиманите и имигрантите и за републиканците, премногу левичарски став за заштита на правата на работниците, лакомоста на Волстрит и потребата да се заштити домашното стопанство.
Републиканската елита очајнички се обидува да го спречи походот на Трамп кон номинацијата, но не успева да му најде достоен противкандидат. Етаблираните слоеви сакаа да го видат Марко Рубио, кој на „супер вторникот“ освои само една држава (Минесота) или ако е потребно Тед Круз, победник во три држави – Аљаска, Оклахома и неговиот Тексас.
Демократите и републиканците одредуваат кој ќе ги претставува на претседателските избори така што прво во сите сојузни држави организираат партиски избори, а потоа доделуваат номинација на кандидат кој ја заслужил довербата на најголемиот број партиски симпатизери. Гласовите се претвараат во број на делегати на завршната конвенција, а „супер вторникот“ е „супер‟ бидејќи носи повеќе делегати од кој било друг датум во текот на процесот.
Делегатите на завршните конвенции ќе гласаат во согласност со желбите на гласачите, но во Демократската партија постои исклучок од ова правило. Американските либерали дозволија на суперделегатите, истакнати членови, партискиот врв, конгресмените, поранешните претседатели, како Бил Клинтон, или потпретседатели, како Ал Гор, да немаат обврска да гласаат согласност преференциите на гласачите, туку по своја волја, што оди во полза на Хилари Клинтон.
Сандерс добро го разниша демократскиот врв и ја натера Клинтон да вети далеку попрогресивни економски планови од што имаше намера, но нивниот судир не се заканува да прерасне во состојба која би ја поделила партијата на „клинтоновци“ и „сандерсовци“. Не се очекува дека гласачите на левичарскиот сенатор би можеле во ноември попрво да го поддржат Трамп отколку Клинтон, што не важи за републиканската елита чиј добар дел најавува дека на есен попрво ќе гласаат за противничката Клинтон, отколку за човекот од своите редови Трамп.
Одамна не се случило партија да се огради од својот најпопуларен кандидат, но овој пат републиканците се исплашени и дека Трамп нема да ја следи партиската линија, дека ќе го уништи поредокот кој го воспоставила републиканската елита во Вашингтон, дека како претседател пред се ќе биде либерал, а не конзервативец и дека со навреди на сметка на жените, малцинствата и странците ќе ги одбие умерените гласачи на партијата.
Како што пишува „Политико‟, претседавачот на Претставничкиот дом Пол Рајан и лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот Мич Меконел, го критикуваа милијардерот откако одби да се огради од Кју-клукс-кланот (што подоцна сепак го направи). Њујорчанецот ја подели партијата на „трамписти“ и „традиционалисти“, при што во првиот табор се и некои многу истакнати членови на естаблишментот, како гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи. Другите не сакаат ни да слушнат за него и јавно признаваат дека попрво би гласале за Клинтон.
Со тоа сметаат дека Трамп не смее да биде кандидат бидејќи ќе ја олесни победата на демократите бидејќи тој и тие самите тоа го олеснуваат. Разочарани се и донаторите, од кои многумина ги проретчија стоте милиони долари на „принцот‟ на естаблишментот Џеб Буш, за тој да се повлече и сега вложуваат во Руби и Круз, кои ни самите не се најдобрипријатели на елитата од Вашингтон, туку фундаменталисти од движењето „Чајанка‟.
Рајан ги отфрли гласините дека ќе влезе во трката и ќе проба да ја обедини партијата како кандидат прифатлив за сите, но невозможно е да негира дека разединетоста во партијата и повиците на бојкот на најпопуларниот републиканец совршено помагаат за враќање на Клинтон во авенијата „Пенсилванија“.
Така се оди на рака на поранешната шефица на дипломатијата, па веќе почнаа да кружат теории за заговор дека Трамп е нејзин „тројански коњ‟ кој има за цел да ги разбие редовите на конзервативците и да и постели црвен тепих пред Белата куќа. Поради ексцентричноста на Трамп, таа излегува кандидатка за која треба да гласаат дури и апстинентите, умерените конзервативци и најпрогресивните демократи, тие кои инаку не би оделе на картата само да го изберат „помалото зло‟.
Ако Трамп и Клинтон во ноември сепак се соочат како противници, тоа ќе биде жестока и валкана борба, при што нивните помошници ќе гледаат да извадат што повеќе „валкани алишта‟ од спротивниот табор. Милијардерот веќе потсети на сексизмот на сопругот на оваа феминистка, а најави и дека нема да ја остави на мир поради скандалот со меиловите кога и порача: „Остро ќе ја нападнам, ако воопшто и биде дозволено да се кандидира‟.
Тоа беше изјава врз основа на фактот дека наведената афера е под истрага на ФБИ, бидејќи во меиловите на Клинтон, која ги праќала и примала од приватен незаштитен меил, се најдени голем број доверливи податоци, меѓу другите и тие со назнака за строга тајна.
Политика – Белград