Израел треба да ја предаде енклавата на САД по завршувањето на борбите во Појасот Газа, најави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека Палестинците од енклавата веќе би биле преместени во „многу поубави и побезбедни заедници, со нови модерни домови“ во регионот на Блискиот Исток.
„Тие всушност би имале можност да бидат среќни, безбедни и слободни“, напиша Трамп на својот профил на социјалната мрежа „Вистина“.
Тој додаде дека САД ќе соработуваат со „големи развојни тимови од целиот свет“ за да започнат со изградба на, како што рече, еден од најголемите и најспектакуларните случувања од ваков вид во светот.
Трамп оцени дека во тој случај нема да има потреба од распоредување американски војници во енклавата и дека „во регионот ќе владее стабилност“, пренесува „Танјуг“.
Трамп во вторникот рече дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како „Ривиера на Блискиот Исток“.
Тој го повтори својот предлог за трајно раселување на Палестинците, нагласувајќи дека тие треба да се преселат во други арапски земји, како Јордан и Египет, бидејќи Газа во моментов е „само урнатини“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека идејата на Трамп за трајно преселување на Палестинците од Појасот Газа е првата добра идеја што ја слушнал и дека ја поддржува.