Трамп ја губи војната за Huawei во Европа

од Vladimir Zorba
131 прегледи

Минатото лето администрацијата на Доналд Трамп започна кампања за убедување на европските сојузници да ја забранат употребата на опрема од Huawei Technologies за нивните телекомуникациски мрежи. Охрабрени од успехот на слични напори во Австралија и Нов Зеланд, Белата куќа испрати писма до европските престолнини со предупредување дека опремата на Huawei ќе отвори „задна врата“ за кинеските шпиони. САД дури се заканија да ја запрат размената на информации со службите за безбедност во Европа, ако континентот ги игнорира советите на земјата.

Барем засега, сепак се чини дека Трамп не успева да ја убеди Европа да ги изолира Huawei од телекомуникациските мрежи. Досега ниту една европска земја сепак не ја игнорирала Huawei, пишува во својата анализа Bloomberg.

„Постојат две работи во кои не верувам. Првата е јавно дискутирање на многу деликатни прашања за безбедноста, а втората е исклучувањето на компанија, едноставно затоа што е од одредена земја“, прокоментира германскиот канцелар Ангела Меркел за време на прес-конференција во Берлин во вторникот.

Европа, која се покажа во центарот на трговската војна меѓу САД и Кина, се обидува да најде рамнотежа помеѓу загриженоста за растечкото кинеско влијание и желбата да го зајакне својот бизнис со вториот по големина трговски партнер во регионот. Без да добие забрана, Huawei се обидува да склучи договори за изградба на 5G мрежи, ултра брзата безжична технологија која европските лидери се надеваат дека ќе го охрабри растот на економијата, базирана на податоци.

Британскиот шеф на службите навести дека е малку веројатно наметнување на забрана на Huawei, повикувајќи се на недостаток на добри алтернативи за надградба на британските телекомуникациски мрежи. Италијанската влада ги игнорираше предупредувањата на САД, во обид да ја зајакне трговската размена со Кина. Во Германија властите понудија воведување на построга регулација за безбедноста на мрежите, а не блокирање на Huawei. Франција го прави истото, откако првично имаше идејата за рестрикции против компанијата.

„Пуштањето на 5G е најсложен и најскап технолошки проект некогаш“, коментира Пол Триоло, аналитичар од Eurasia Group.

„Предизвикот пред Европа е да најде начин да ги минимизира ризиците за безбедноста, поврзани со кинеските провајдери, но да не го одложува 5G , што е толку важно за регионот“, додава тој.

Владите ги слушнаа зборовите на телекоми како Vodafone Group, Deutsche Telekom и Orange, кои предупредија дека блокирањето на Huawei ќе го успори имплементирањето на 5G со години, а тоа ќе чини милијарди долари.

„Не сме виделе никакви докази за „задни врати“и во мрежата“, коментира Хелен Лампрал, главен адвокат на Vodafone. „Ако Американците имаат доказ, нека го покажат“.

Тензиите растат со месеци. Во февруари САД испрати свои претставници на MWC 2019 во Барселона – ​​Светскиот мобилен конгрес кој се одржува секоја година во Шпанија. Овие претставници повикаа директори и политичари да ги избегнат Huawei и другите кинески играчи во секторот. Овој месец американскиот амбасадор во Берлин напиша писмо до германската влада, посочувајќи дека ако не го блокира Huawei, земјата ризикува да не добива целосни информации од американските разузнавачки служби.

Иако телекомите купуваат опрема од играчи како Ericsson, Nokia или Samsung Electronics, консултанти од индустријата тврдат дека квалитетот кај Huawei е повисок, а минатата година компанијата поднесе пријави за 5.405 патенти, или над два пати повеќе од Ericsson и Nokia земени заедно.

А некои европски пратеници се претпазливи кон Cisco Systems, американскиот конкурент на Huawei, откако Едвард Сноуден откри дека Агенцијата за национална безбедност користела американско телекомуникациска опрема за шпионажа.

Huawei сепка не е секогаш безбедна. Во Германија некои тврдат дека во компанијата не може да се има доверба, а новата регулација, поврзана со безбедноста, која Владата ја предложи, може да го отежни добивањето на тендери од Huawei.

Најголемата телекомуникациска компанија во Данска, TDC A/S одби да го обнови договорот со Huawei и наместо тоа, го избра Ericsson како стратешки партнер за развој на својата 5G мрежа. Во Европа, кинескиот играч е под притисок да ја промени својата технологија и да ги зголеми гаранциите дека неговата опрема не може да се користи од кинески шпиони.

Досега има малку докази што укажуваат на тоа дека Европа ќе го блокира Huawei. Државните железнички компании во Германија и Австрија купиле опрема од компанијата, а провајдери како Deutsche Telekom и Telefonica спроведуваат тестови за 5G проекти со своите производи.

Глобалниот раст на приходите на Huawei за првите два месеци од годината се зголеми, откако сумата скокна за повеќе од една третина, сподели неделава основачот на компанијата, Рен Ченфеи. Организацијата тврди дека продажбата на паметни телефони во Германија е двојно зголемена во текот на истиот период.

„Не знаеме кој ќе биде следниот потег на САД, така што ништо не е готово“, рече Бенгт Нордстром, главен извршен директор на Northstream.

„Но каков и дел од пазарниот удел да загуби Huawei во Европа, таа сигурно ќе освои во Кина“, додава тој.