Член на американскиот Конгрес го номинираше претседателот Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, откако тој посредуваше во постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Иран, објави „Фокс њуз“.
Претставникот Бади Картер од Џорџија му пиша на Нобеловиот комитет дека Трамп одиграл „извонредна и историска улога“ во завршувањето на „вооружениот конфликт меѓу Израел и Иран и во спречувањето на најголемиот спонзор на тероризам во светот да го добие најсмртоносното оружје на планетата“.
Трамп доцна вчера прогласи крај на „12-дневната војна“, а прекинот на огнот стапи на сила утрово. Со тоа заврши конфликтот што траеше нешто повеќе од една недела, откако Израел првпат започна напад врз Иран, тврдејќи дека Техеран е опасно блиску до стекнување нуклеарно оружје.