Доналд Трамп официјално ја поднесе својата кандидатура за претседателските избори во САД во 2024 година и ја претстави својата нова кампања на имотот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, каде се појави во друштво на неговата сопруга Меланија.
Во својот говор тој открил дека неговата сопруга поминала многу тешко во Белата куќа. “Тоа не беше радост за нашата голема прва дама. Тоа не беше пријатно патување. Ќе дојдев дома и таа ќе ми кажеше дека изгледам луто и вознемирено. Потоа ќе ѝ кажев да ме остави на мира. Тоа не беше најлесно , но таа беше одлична прва дама и луѓето ја сакаат“, изјавил поранешниот американски претседател, пренесува The Independent.
Меланија беше поздравена од публиката со голем аплауз. Таа за претставувањето на кампањата носеше кошула со точки, бело здолниште и бели салонки. Покрај сопругата, Трамп во својот говор го спомена и синот Ерик, шегувајќи се дека добил „повеќе судски покани од кој било во историјата на нивната земја“.
Тоа ќе му биде трета трка на Трамп за претседател, односно петти национални избори на кои тој е носител на листата на републиканците.
Во 2016 година, Трамп и републиканците дојдоа на власт со негово влегување во Белата куќа и преземање контрола врз двата дома на американскиот Конгрес. Но, демократите освоија мнозинство во Претставничкиот дом на среднорочните избори во 2018 година, водејќи кампања на критики за каустичниот стил на Трамп.
Следеа претседателските избори во 2020 година, на кои Трамп беше поразен од демократот Џо Бајден – иако Трамп сè уште одбива да го признае поразот – а демократите го контролираат Сенатот благодарение на гласот на потпретседателката Камала Харис, кој според Уставот на САД преовладува доколку домот е поделен 50-50.