Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се согласил да го одложи спроведувањето на царините од 50 проценти за увоз од Европската Унија до 9 јули, додавајќи дека имал „многу пријатен телефонски разговор“ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што довело до одложувањето, објавија денес американските медиуми.
„Фон дер Лајен рече дека сака да започне сериозни преговори. Таа праша дали тарифите можат да се поместат од 1 јуни на 9 јули. Таа побара точен датум и јас се согласив“, изјави Трамп за новинарите во Њу Џерси, објави Си-Ен-Ен.
Тој додаде дека претседателката на ЕК рекол дека треба брзо да се сретнат и да видат дали можат да се договорат за нешто.
Според Си-Ен-Ен, Трамп во петокот изјавил дека не сака да преговара со ЕУ и дека царините ќе стапат на сила на 1 јуни.
Сепак, во неделата, кратко по разговорот со новинарите, претседателот објави на својот профил на социјалните мрежи „Truth Social“ дека преговорите ќе започнат наскоро. Најновите царини требаше да дојдат откако Трамп веќе воведе реципрочни царини од 20 проценти за Европската Унија во април, кои исто така беа одложени, објави Танјуг.