Трамп: Само што разговарав со Путин, почнуваме преговори за Украина – веднаш, на Зеленски ќе му се јавам

од Milan1
187 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп штотуку објави дека имал „долг и многу продуктивен“ телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Би-Би-Си.

Во објавата на неговата платформа „Вистина“ (Truth Social), американскиот претседател рече дека двајцата разговарале за Украина и Блискиот Исток, како и за вештачката интелигенција.

И двајцата се сложивме, вели Трамп, дека „сакаме да запрат милионите смртни случаи во војната Русија/Украина“.

Тој објасни дека се договориле за блиска соработка и дека ќе има меѓусебни посети во Русија и САД.

„Исто така, се договоривме нашите тимови веднаш да започнат преговори, а ќе започнеме со тоа што ќе го повикаме украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го информираме за разговорот, што ќе го направам веднаш“, напиша Трамп.

Тој додаде дека задолжил тим предводен од американскиот државен секретар Марко Рубио да ги води овие преговори.

„Милиони луѓе загинаа во војна што немаше да се случи да бев претседател, но се случи, па мора да заврши“, напиша меѓу другото Трамп и на крајот додаде: „Сакам да му се заблагодарам на претседателот Путин за времето и напорот што ги вложи во овој повик и за вчерашното ослободување на Марк Фогел, прекрасен човек кого лично го поздравив во Белата куќа синоќа. Верувам дека овој напор наскоро ќе доведе до успешен завршеток.

Кремљ, пак, објави дека Путин и Трамп разговарале речиси час и половина и се договориле да се сретнат, пренесува „Ројтерс“.

Руската новинска агенција „ТАСС“ објави дека Путин го поканил Трамп во Москва.

Ова е прв познат директен контакт на Путин со американски претседател од февруари 2022 година, кога разговараше со поранешниот претседател Џо Бајден.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент денеска престојува во главниот град на Украина, Киев, каде се сретна со претседателот Володимир Зеленски.

Тие разговараа за можен договор во кој Украина ќе продава ретки минерали на САД во замена за воена поддршка.

Зеленски рече дека се надева оти може да се постигне договор на Минхенската безбедносна конференција која започнува во петок, каде што се очекува да се сретне и со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.

Слични содржини