– Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека сè уште размислува дали да присуствува на преговорите за прекин на огнот во Украина, планирани за утре во Турција, но дека не знае дали во нив ќе учествува и рускиот претседател Владимир Путин.
„Тој би сакал да бидам таму, и тоа е можност… Не знам дали би бил таму ако јас не сум таму. Ќе дознаеме“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“ на пат кон Катар, објави Ројтерс.
Трамп рече дека можеби ќе ја посети Турција на разговори како дел од неговото патување на Блискиот Исток оваа недела, иако неговиот распоред на посети и разговори е преполн, а утре треба да биде во Обединетите Арапски Емирати.
„Тоа не значи дека не би го направил тоа за да спасам многу животи и да се вратам“, рече Трамп, според извештајот на „Вашингтон пост“.
Трамп потврди дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе присуствува на разговорите меѓу претставниците на Русија и Украина во Истанбул. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека ќе присуствува на преговорите во Истанбул само доколку биде присутен и Путин, објави Танјуг.