Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повтори дека во иднина Гренланд „можеби“ ќе биде дел од Соединетите Американски Држави. Трамп на новинарите по состанокот со официјални лица во неговиот кабинет изјави дека тоа е важно за националната безбедност на САД, пренесе „Ројтерс“.
Премиерот на Гренланд во заминување Муте Егеде рече дека членовите на неговата привремена влада нема да се сретнат со американска делегација која планира да посети американска воена база на островот оваа недела.
Егеде рече дека на Вашингтон му било кажано дека нема да има „преговори“ додека тој е на чело на привремената влада и додека не се формира нова влада на Гренланд по општите избори на 11 март.
Јенс-Фредерик Нилсен, веројатно идниот премиер на Гренланд и лидер на Демократите, централно-десничарската партија која победи на изборите, претходно ги критикуваше изјавите на Трамп за Гренланд како „непримерни“, пренесува „Танјуг“.
Уша Венс, сопругата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, оваа недела ќе го посети Гренланд со нејзиниот син и американската делегација, во која, како што потврди Егеде, ќе биде и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц.