Транспаренси Интернешнл Македонија одбележува 15 години од своето постоење како организација активна во борбата против корупцијата. Во изминатите години ТИ-Македонија спроведе бројни проектни активности, воспостави контакти и партнерства меѓу националните, но и меѓународните тела и организации.
Дополнително оваа година, Транспаренси Интернешнл Македонија се стекна и со својата четврта ре-акредитација за наредните три години како полноправна членка во глобалната коалиција за борба против корупцијата Transparency International.
Transparency International претставува глобално движење со повеќе од 100 национални ограноци низ светот, со една визија: воспоставување општество каде што владата, бизнис – заедницата, граѓанското општество и животите на луѓето во државата се ослободени од корупцијата, каде што сите договори, и односи помеѓу сите засегнати страни се базирани врз основа на владеење на правото, и почитување на законите и правилата.
Транспаренси Интернешнл Македонија и понатаму ќе продолжи да се залага за владеење на правото и воспоставување на систем на добро владеење за ефикасна борба против корупцијата.