📽 Траурна годишнина во Сребреница: Нашите деца беа убиени оти имаа поинакви имиња и презимиња

Денеска се одбележаа 30 години од најголемиот геноциден масакр по Втората светска војна во Европа

од desk2
7 прегледи

Мојот Нерко, да беше жив, ќе беше успешен, ќе беше добар татко, добар син, добар сопруг. Тие не ги убиваа само нашите деца, со нив ги убиваа и нашите внуци. Сите ве моламм да ни помогнете да се бориме против омразата, неправдата, силувањата, протерувањата. Никој нема право да убива ничие дете, никој нема право да силува нечија ќерка. Додека стојам тука, многу мајки во Украина и Палестина го доживуваат она што ние го доживеавме во 1995.

Со таква порака се обрати денеска Мунира Субашиќ, претседател на здружението „Мајките од Сребреница“ на големата комеморација во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, каде денеска се одбележаа 30 години од најголемиот геноциден масакр по Втората светска војна во Европа, кога се убиени околу 8 300 мажи, жени и деца од страна на Војската на Република Српска, известува clix.ba.

„Луѓето во Сребреница беа убивани оти имаа поинакви имиња и презимиња, оти беа муслимани“, порача Субашиќ.

Таа потсети дека сребреничкиот масакр оставил околу 5 500 сирачиња, кога нивните родители била убивани под знамето на ОН. Сега голем дел од нив немаат ни фотографија да видат како изгледале нивните татковци.

„Кога го преживеавме геноцидот, имавме своја цел на светот и на Европа да им кажеме дека нашите деца се невино убиени. По геноцидот останаа 5 500 деца што остана сирачиња. Многу од тие деца немаат ни фотографија за да видат како изгледал нивниот татко, па нас бабите и мајките нѐ прашуваат дали личат на нив. Ги убиваа нашите деца под знамето на ОН и пред очите на целиот свет“, рече Субашиќ.

Фотографија: Стоп-
кадар од видео

По влезот во Сребреница, тогаш заштитена зона на ОН, силите на босанските Срби предводени од командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, во јули 1995 година убија повеќе од 8 000 луѓе, најголемиот дел мажи и деца.

Според податоците на Меморијалниот центар Сребреница, во и околу Сребреница се убиени најмалку 8 372 лица, меѓу кои имало и жени и девојчиња и постари лица. За овој геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница, досега се осудени 54 лица, на вкупно 781 години затвор. На доживотен затвор се осудени поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, потоа Ратко Младиќ и уште тројца високи офицери на Војската на Република Српска.

Пред малку почна погребувањето на посмртните останки на уште седум жртви на масакрот, коишто биле набрзина закопани на други места.

Во текот на целиот настан се полагаше цвеќе за илјадниците крволочно убиени сребреничани.

На комеморацијата во Меморијалниот центар присуствуваа и говореа голем број лидери од регионот, Европа и светот.

Последен од високите функционер што се обратија пред чинот на погребувањето и молитвата за покојните беше Денис Беќировиќ, член на претседателството на БиХ.

„Пред три дена во Њујорк, првпат во организација на ОН , е одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Во иднина, додека постои човечката цивилизација, 11 јули ќе биде Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“, порача Беќировиќ.

 

Се обратија државници и претставници на меѓународни организации

Пред неговиот говор беа прочитани обраќањата на италијанскиот претседател Серџо Матарело, францускиот Емануел Макрон, а со видеопорака се обрати турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

На комеморацијата се обрати и холандскиот министер за надворешни работи. Холандските сили во составот на мировните сили на ОН беа војниците пред чии очи се случува масакрот.

„Како меѓународна заедница се срамиме оти потфрливме да ги заштитиме, а јас се срамам оти Холандија носи морална и политичка одговорност, како дел од таа заедница, поради неспречување на геноцидот“, рече холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп.

Се обрати и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Никогаш нема да ги заборавиме ужасите. Наша должност е да се сеќаваме. НАТО интервенираше за да ја сопре војната што однесе стотина илјади животи. Стоевме до вас тогаш и ќе стоиме и сега. Никогаш нема да дозволиме сигурносен вакуум во БиХ“, порача Руте.

На настанот говореа и шведската министерка за надворешни работи Мариа Малмер Стенегард, нејзиниот црногорски колега Ервин Ибрахимовиќ, данскиот минситер за надворешни работи Ларс Расмусен, потоа војвотката од Единбург, Софи Рајс Џонс, во име на британскиот крал Чарлс.

Се обратија и поранешниот германски претседател Јоахим Гаук, европската комесарка за проширување Марта Кос, претседателот на турскиот парламент Нуман Куртулмуш, како и Розмари ДиКарло, потсекретарката на ОН за политички прашања и прашања на изградба на мирот. Говореше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ

По интонирањето на химната на БиХ, настанот почна со изведба на „Адаџо“ на Албинони.

Беше изведена и трогателната поема „Сребреничко инферно“ на поетот Џемалудин Латиќ, со музика од Ѓело Јусиќ. Ова дело е првпат изведено на 20 септември 2003 година, на отворањето на Меморијалниот центар Сребреница.

Точно напладне, главниот град на БиХ, Сараево, со звукот на сирените се потсети на 8.372 убиени Бошњаци во Сребреница.

Слични содржини