Треба подлабока стратегија на подолг рок за да го спречиме иселувањето: „Трето дете не даде резултати – преку процес на образование младите да добијат вредносен импулс дека и Македонија може да биде пожелно место за живеење“

од Nikola Popovski
412 прегледи

Демографски егзодус во Македонија во изминативе неколку децении. Ако продолжи ваквиот тренд, дел од општините ќе останат и без население. Врз основа на пописот, Државниот завод за статистика ги изготви проекциите, според кои, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, населението до крајот на проекцискиот период – до 2070 година – би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции), односно до енормно намалување на населението од 1,3 милиони лица. Проекциите на ДЗС се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.

Населението забрзано старее, а државата забрзано се празни

Експертите посочуваат дека мора да се направи една стратегија на подолг рок, истовремено да се работи на подобрување на економската клима, која е главната причина за напуштањето на земјата, а со тоа и стареењето на населението. Според професорот и социолог, Илија Ацески, прогнозите во голема мера се реални. Во разговор за „Локално“, тој објаснува дека ако се задржи ова темпо на иселување и намалување на наталитетот и зголемување на смртноста, „би рекол дека ние и да влеземе за 5-10 години во ЕУ, тој процент нагло ќе се намали“.

-Сепак, тоа не значи дека во Македонија нема да започне процес на доселување на друго население, односно потреба од работна сила и оние кои што ќе бидат нужни за опстанок на македонската економија. Тоа е процес на една глобализација и еманципација на жената, процеси кои што директно навлегуваат во вредносниот систем, кога станува збор за порастот на населението. Младите многу доцна влегуваат во брак. Тој просек сега се ближи кон 30 години, што на некој начин влијае на бројот на родени деца и Македонија е на таа граница на основна обнова на населението, на 1,8 во однос на она што е прираст. Бројот на умрени и родени далеку се спушта. Сепак ова се елементарни причини кои во последните 3-4 децении кои влијаат врз порастот, особено ова се однесува се на албанската етничка заедница, каде и таму на голем број од жените им треба една еманципација и ослободување, истакнува Ацески.

Илија Ацески

За професорот, ако говориме за една стратегија, тешко таа може да постигне значителен ефект.

-Еве ако тргнеме од акцијата „трето дете“, не даде посебни резултати во таа смисла. Ако говориме за тие глобални причини, треба да се создава една атмосфера кај младите генерации, кои што ќе ја имаат преставата и сликата дека и во Македонија може да се живее добро, дека може да се заработува и тука да се пронајде вистинскиот живот. Наталитетот и иселувањето се длабоко поврзани со процесите што главно ги опфаќаат економските и политичките создавања на една здрава средина за живеење, каде ќе има многу помалку корупција и позитивно ќе се гледа на животот, а не по секоја цена, да се напушти државата. Треба една подлабока и посмислена стратегија на подолг рок. Преку образование, младите да го добијат вредносен импулс и основа дека и Македонија може да биде едно пожелно место за живеење и да се има среќен живот, дециден е Ацески.

Вели дека сите ги знаат искуствата од земјите што влегоа во ЕУ, каде што за краток период процесот на иселување нагло се зголеми. Оценува дека сега имаме период од 10 години, каде може да ги добијат позитивните импулси и создавањето на здрава атмосфера, помалку корупција, поголема перспектива, поголема вработеност.

-Влезот во ЕУ ќе значи создавање атмосфера која владее во тие европски земји. Тоа ќе биде економски поткрепено и може да има позитивни ефекти. Тука лежи одговорот на прашањето што значи ЕУ во оваа смисла. Дали ќе живеете во Германија или Македонија, многу малку да значи за перспективите на животот. Тоа значи Европа за овој поглед и малку ќе биде важно дали живеете овде или било каде во Европа, тврди соговорникот.

„Пропуштено драгоцено време за мерки и стратегии“

Магистерот по демографија, Методиј Богоевски исто така се согласува дека предвидувањата звучат реално. Според него, сето тоа би значело дека Македонија и понатаму ќе навлегува во поодминатите стадиуми на демографска старост, со напомена дека тоа е одлика на најголем дел од земјите во Европа.

-Најизразен пример на држави со постаро население се Јапонија и Италија. Парадоксално е тоа што овие процеси се најкарактеристични за некои од најразвиените земји, а истовремено се својствени и за нашата држава. За да се одговори на прашањето зошто е тоа така, секако дека се потребни потемелни анализи, но генерално мислам дека тоа се должи на нерамномерниот развој на стопанството и растот на стандардот на населението од една страна, во однос на социјалниот развој и начинот на живеење од друга страна. Денес, во однос на бројот на членови во едно домаќинство, брачната состојба, фертилитетот и планирањето на семејството, Македонија се повеќе наликува на најразвиените земји во Европа. На ова додадете го и фактот што огромен број на семејства се веќе раселени или имаат намера тоа да го направат, па според тоа може да се каже дека барем блиската демографска иднина на Македонија е лесно предвидлива, објаснува Богоевски за „Локално“.

Посочува дека секое време носи нови предизвици, само проблемот е што кај нас тие воопшто не се третираат.

-Сведоци сме дека процесите овде се одвиваат стихијно. За волја на вистинита самата положба на државата, во минатото, а и денес е проблематична, но останува впечатокот дека можеше да се створат услови за попросперитетен развој, а од друга страна за позитивни промени никогаш не е касно.

Еден од посеризните предизвици во демографски контекст ќе биди зголемувањето на бројот постарите лица, поточно пензионерите во државата, во услови кога бројот на работоспособно население се намалува. Колку што знам и сега пензискиот фонд е во лоша состојба, а најголем број од пензионерите се незадоволни со своите примања – и со право, бидејќи порастот на нивните приходи не е во согласност по порастот на висината на потрошувачката кошничка, укажува соговорникот.

Методиј Богоевски

Околу тоа дали и колку флоскулата ЕУ ќе не спаси е лек за овој надолен тренд или со влегувањето во ЕУ може само да се влоши ситуацијата, Богоевски смета дека за надолниот демографски тренд, првично ќе биде уште еден удар, но подолгорочно, со функционално подобрување на институциите и евентуалниот пораст на стандардот на населението, бенефитите би биле поголеми во однос на штетата.

-Залуден е популацискиот пораст на една нација, ако економските текови се неповолни. А во оваа фаза на во која се наоѓа Македонија тоа е и невозможно. Сепак живееме во време кога по многу прашања нема веќе назад. Стандардот и благосостојбата на семејството се најчесто приоритет, и добро е да биде така, потенцира тој.

Во однос на мерките и стратегиите, вели дека е пропуштено драгоцено време, децении се во прашање.

-Овде неизбежна е споредбата со Словенија, а и општо познато е дека за разлика од Македонија, таа постојано се припрема и се прилагодува на предизвиците што ги носи иднината. Образовните, а и било кои други реформи ги обмислуваат исклучително стручни и чесни луѓе, а со тоа и можноста да се згреши се сведува на минимум. Сите знаеме како е кај нас… Па така со најголем дел од најспособните луѓе веќе не живееме во иста држава. Секако тука сеуште има способни луѓе, но тие се далеку од круговите на одлучување за било која проблематика. (Овде најдобрите дипломирани студенти се набркани далеку од факултетските ходници, за што друго да зборуваме…)

Значи една од основните работи што треба да се направат е департизација. И не само тоа, државата треба да ги „лови“ стручните  и искусни кадри, намесно најлесен можен начин да се ослободува од нив, наведува Богоевски.

Што се однесува до некои конкретни демографски мерки, додава, нив ги имаше во минатото (пред 10 тина години), но се преиспитуваа во однос на нивната уставност, па беа укинати.

-Со оглед на извесната иднина во тој поглед, мора да поводи сметка и за посериозни стимулации, кои колку толку би ги ублажиле неповолните трендови. Сепак човечкиот потенцијал е клучен за развојот на секоја држава. Меѓу другото Македонија ги трпи и последиците од преизразената централизација на функциите. Тоа доведува и до мошне штетна концентрација на населението во еден град, за сметка на останатите населени места, заклучува магистерот по демографија.

На прашањето дали миграцијата од исток ќе ги ,,пополни” овие загуби, Богоевски вели дека миграциите ги имало и ќе ги има.

-Конкретно во случајот на Македонија, во поново време барем, интересот за доселување бил минимален, но евентуалното зголемување на таквите контингенти на население сепак мислам дека би биле позитивни, би придонеле за зголемување на продуктивноста. Ако има потреба од тоа, до тоа и ќе дојде, сепак миграциите се „природно“ условена општествена појава, ако може така да се каже, истакнува соговорникот.

 

Оваа проекција за населението е втора што ја изработува Државниот завод за статистика – 25 години по претходната проекција во 1998 година.

Проекцијата е направена врз основа на податоци од пописот на населението и домаќинствата што беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година. Во него беа попишани 2 097 319 граѓани, а од нив како лица кои живеат во државата беа регистрирани 1 836 713. Бројот на луѓе кои повеќе од една година не живеат во земјава изнесуваше 260 606 лица.

Ако се споредат бројките со претходниот попис одржан во 2002 година, забележителен е црниот тренд и во двете децении помеѓу двата пописи. Од 2002 до 2021, според податоците, бројот на жители се намалил за 185 835 или за 9,2 отсто.

Н.П.

Слични содржини