Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во своето обраќање на настанот по повод промоција на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ ги истакна клучните сегменти кои преку овој проект ќе се опфатат, а се тесно поврзани со работата на министерството.
„За Владата на Република Северна Македонија заштитата на основните човекови права е приоритет на кој во континуитет посветено работиме. Но посветената работа не секогаш не заштитува од предизвиците кои се нижат пред нас, посебно на патот кон Европската Унија. Човековите права се фундаменталниот темел на Унијата, на европското семејство кон кое сакаме да припаѓаме,” потенцираше Тренчевска.
Таа истакна дека Проектот ќе придонесе во навремена подготовка на релевантните институции и нивните капацитети во процесот на разгледувањето на постигнувањата во Поглавјето 23 -Правосудство и фундаментални права од европското законодавство.
„Најважниот резултат од проектот кој сум сигурна дека ќе го добиеме е зајакнување на капацитетите на главните тела за човекови права во нашата држава бидејќи обезбедува алатки за основните човекови права кои ќе станат достапни за јавните службеници и кои даваат насоки за применување и воспоставување на пристапот заснован на човекови права на стратешко ниво. Министерството за труд и социјална политика во својот мандат и надлежности обезбедува осигурување на почитувањето на низа човекови права. Тоа е чест, но и голема должност,” посочи Тренчевска.
Таа се осврна на темата за родово базираното насилство која нераскинливо се поврзува со Министерството.
„Тоа влијае на исполнување на целосниот капацитет на жените, нивното вклучување на пазарот на трудот, нарушување на нивниот интегритет и уживање на добрата кои може да ги пружи нашата држава. Веќе подолг период работиме на подигање на свеста за насилството, меѓутоа не само физичкото насилство и сексуалното насилство туку и препознавање на економското насилство, психичкото насилство и насилството преку интернет,” посочи Тренчевска.
Министерката истакна дека со ратификацијата на Истанбулската конвенција, новиот Закон за превенција и спречување на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство институциите имаат обврска да постапуваат со должно внимание при пријава на насилство, но сепак останува голем дел од актите на насилство кои остануваат непријавени, токму поради недовербата во институциите и професионалците.
„Правата на жените за еднаквост, за економска слобода, за стабилност, за живот без насилство се дел од клучните човекови права. Затоа во периодот кој што следи Министерството за труд и социјална политика во соработка со Народниот правобранител преку овој проект ќе работат на зајакнување на системот на спречувањето на родово насилство и дискриминација,” истакна Тренчевска.
Министерството за труд и социјална политика е задолжено и за детската заштита и обезбедување на живот без насилство и на децата. Затоа во рамките на овој проект ќе биде активен партнер и во делот на зајакнување на системот за заштита на децата.
„Фокусот на овие активности ќе биде насочен кон клучните предизвици во остварувањето на правата на детето и тоа детска сиромаштија, насилството, правото на образование, заштита од сексуална злоупотреба, онлајн злоупотреба, ментално здравје, собирање и анализа на податоци за правата на детето,” истакна Тренчевска.
Притоа нагласи: „Децата се наш приоритет и тоа е наша стратешка определба. Вложувањето во спокојот на едно дете, е вложување во спокојот и развојот на нашата држава.”
Министерката ја истакна важноста од работата на подигнувањето на свеста, која е една од клучните алатки и цели за промовирање на човековите права.
Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото”, е финансиран од Европската Унија, имплементиран од Институтот за фундаментални и човекови права Лудвиг Болцман, хрватското Министерство за правда и јавна администрација, словенечкото Министерство за внатрешни работи и Центарот за меѓународна правна соработка.