Тренчевска- Гви Јеоп Сон: Поддршката и соработката на ОН агенциите во земјава продолжува и се зајакнува на патот кон ЕУ

од Vladimir Zorba
146 прегледи

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска  денеска оствари средба со регионалната директорка на Обединетите Нации за Европа и Централна Азија, Гви Јеоп Сон и постојаната координаторка на ОН во земјава Росана Дуџиак.

На средбата се разговараше за соработката и поддршката на ОН агенциите во нашата држава со осврт на областите кои се под надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

 Во оваа прилика, министерката Тренчевска информираше за соработката со УН Вомен на полето на родовата еднаквост и зајакнување на жените. Министерството го реализира проектот „Унапредување на институционализацијата на родовото одговорно буџетирање (РОБ) преку системска интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и програмирање на владините  институции во Северна Македонија во соработка на УН Вомен. Проектот го подржува напредокот на земјата во спроведувањето на национални и меѓународни обврски за родова еднаквост  и зајакнување на жените во согласност со целите за одржлив развој и процесот на пристапување во ЕУ. Формиран е и Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и  буџетирање.

Во областа на трудовото право социјалниот дијалог, безбедноста и здравјето при работа, пазарот на труд и вработувањето, беше истакната големата поддршка од Меѓународната организација на трудот (МОТ).  Како една од позначајните соработки е последната национална стратегија за вработување 2021-2027 и Акцискиот план 2021-2023, како и експертската поддршка и техничка помош.

Фондот за население на ОН е исто така долгогодишен партнер на министерството. Соработката со оваа агенција има зголемен интезитет, земајќи предвид дека се подготвува стратегијата за демографски политики.

Долгогодишен партнер на Министерството за труд и социјална политика е и УНИЦЕФ, особено во делот на унапредување на згрижувањето на децата . Отворени се два центри за поддршка на згрижувачки семејства и одржани обуки за стручни лица од центрите за социјална работа. Од одделението за имплементација на Стратегија за Роми се истакнува вклучувањето на УНИЦЕФ во Проектот за вклучување на деца роми во предучилишното образование.

УНХЦР е долги години партнер на министерството односно секторот на социјална заштита и одделението за миграција и интеграција на бегалци и странци, како и во делот на имплементација на Законот за лица неевидентирани во Матичната книга на родени, со теренски активности и правна помош на овие лица пред институциите.

На средбата соговорниците изразија подготвеност и уверување за продлабочување на соработката  со ОН агенциите во земјава, која е од големо значење во процесот на скрининг и предпристапни преговори на земјава со Европската Унија.

Слични содржини