Тренчевска вечерва емотивна пред граѓаните во Струмица ги истакна пропуштените 20 години од нејзината генерација во чекалната на Европската Унија. Таа истакна дека тоа и ја дава должноста како министерка заедно со Владата на Република Северна Македонија да бидат предводници на младите на патот кон Европската Унија.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва на трибината „Ние сме Европа“ зборуваше за мерките и проектите на Владата кои ќе ги задржат младите во државата.
„Ние сме единствена земја надвор од Европската Унија која од 2018 година ја спроведува Гаранција за млади и не само што ја спроведуваме туку дава и одлични резултати. За имплементацијата на оваа програма добиваме позитивни оценки и од Европската комисија, а доказ за тоа се над 80 000 млади вклучени во оваа мерка од 2018 до денес од кои 45% добиле вработување“ истакна Тренчевска.
Таа зборуваше и за мерките од Оперативниот план за активни мерки и програми и ја истакна најатрактивната мерка за самовработување како и мерката практикантство како мерки кои ќе дадат повеќе можности на младите при активирање на пазарот на трудот.
Зборувајќи за младите и можностите таа истакна дека патот кон ЕУ е задолжителен, затоа што верува во млади кои се гледаат во Северна Македонија, млади кои ќе имаат поголеми плати, еднакви можности и исти перспективи како младите во Европската Унија.