Тренчевска: Критиката значи унапредување на текстот за ЗРО

од Stefanija Kuzmanovska
141 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со претставници од работната група од Законот за работни односи, државниот советник за трудово право, Миле Стојановски, Кабинетската советничка, Ленче Коцевска, Раководителката на секторот за политики од областа на трудовото право и политики за вработување, Маја Папатолевска и Директорката на државниот инспекторат за труд, Весна Томовска присуствуваа на четвртата јавна расправа за Законот за работни односи во Битола. На расправата беа презентирани новитетите од нацрт верзијата од Законот.

“Повеќе од 4 години го работиме предлог Законот за работни односи, не сакаме да направиме решенија кои ќе ги уназадат работничките права, напротив овој документ претставува устав за работничките права и треба да одговара и на работниците и на работодавачите. Јавните расправи се токму наменети за конструктивни дискусии кои треба да го унапредат законот“ рече Тренчевска.

Таа посочи дека новините во најголем дел се усогласени со регулативите на Европската унија како и со Меѓународната организација на трудот. Министерката истакна дека една од главните цели на Владата е интеграција во Европската Унија и дека токму усогласување на законодавството е вистинскиот пат кон исполнување на таа цел.

На крајот од своето обраќање министерката го искажа своето уверување дека со ваквиот транспарентен пристап може да се добие еден усогласен текст кој ќе има 100% согласност од сите страни.

Расправата заврши со коментари од страна на присутните и транспарентен дијалог од страна на сите присутни чинители.

Слични содржини