Тренчевска на караванот „Остави трага“ во Кавадарци: Најсреќни сме кога сме дома

од Radmila Tasevska
241 прегледи

Најсреќни сме кога сме дома, рече вечерва министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на дебата во Кавадарци.

Караванот „Остави трага“ има за цел да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството.

– На претходните настани зборував за мојата лична приказна, зборував за мојата Струмица, зборував за папата Јована, зборував за најновиот филм „Барби“, денеска ќе ги споменам среќата и љубовта. За да креираме, за да сонуваме, за да обликуваме и за да имаме иднина, треба да сакаме да бидеме среќни и да делуваме со многу љубов. Меѓутоа зависи и тоа кој како ја гледа среќата, среќа е да одиш на работа која ја обожаваш. Јас 30 години станувам секое утро и ја работам работата што ја сакам и на таков начин ја остварувам својата цел. Среќна сум да испијам кафе со моите пријателки од детство, среќна сум кога цела фамилија сме на празничен ручек, среќна сум што денес сум во Кавадарци и среќна сум што сме на овој караван што треба да остави трага кај младите и жените, рече Тренчевска на панел дискусијата на караванот „Остави трага“ во Кавадарци.

На настанот се обратија и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, германската амбасадорка Петра Дрекслер, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, како и Весна Чемерска Попова, стоматолог и косопственичка на винарница, Сашка Кузманова, хуманитарец и сопственичка на компанија, Александра Цветковска, програмска директорка НДИ, Мајкл Георгиевски, ученик и Марија Андреева, проектнa раководителка во рамки на канцеларијата на Советот на Европа (CoE) во Скопје.

За време на настанот со исполнување на музички нумери настапи групата „Шербет“, беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска гравираше на стакло и стаклени чаши.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Слични содржини