Денес во Клубот на пратеници се одржа јавна расправа за новиот Предлог закон за работни односи на која од страна на претставниците на Министерството за труд и социјална политика беа презентирани клучните новини во новото предлог законско решение.
На јавната расправа присуствуваа претставници на адвокатската комора, адвокати, судии, јавни обвинители, професори и експерти по трудово право, претставници на здружение на млади правници и здружение на трудово и социјално право, како и претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Северна Македонија.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ја потенцираше важноста на јавната расправа и можноста да се слушне мислењето на судиите и адвокатите кои го применуваат законот, како и на професорите теоретичари на трудовото право, а во насока на креирање на квалитетно законско решение и негова успешна имплементација.
-Целта е да креираме законско решение кое ќе содржи точни и прецизни одредби и нема да остави простор за исти прашања да има различни толкувања. Носиме системско решение кое ќе одговори на потребите на современото општество, истакна Тренчевска.
Се воведува и работата од далечина, како одговор на потребите кои произлегуваат од развојот на дигитализацијата и искуствата со ковид кризата.
Исто така на јавната расправа се дебатирало и за колективните договори и нивното важење, како и постапувањето на Државниот инспекторат на труд, кој како контролен орган го врши надзорот над примената на законските прописи.