Тренчевска-Паолучи: Светска банка е наш партнер и голем поддржувач во ковид-пандемијата

од Nikola Popovski

Светска банка е наш партнер и голем поддржувач особено во време на Ковид -19, во областа на социјалната и детска заштита e заклучокот од средбата на министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска со директорот на Светска Банка за Северна Македонија, Масимилијано Паолучи.

Тренчевска информира дека разговарале за неколку важни прашања, како што се „Проектот за итен одговор на состојбата со КОВИД-19“ во Северна Македонија со цел да се помогне во намалување на локалната трансмисија на КОВИД – 19 и да ја зајакне подготвеноста на земјата во време на пандемија, како и обезбедување на поголема заштита на граѓаните од пандемија, да се одговори на итните здравствени приоритети и обезбеди социјална помош за најранливите категории на граѓани во земјата.

-Министерката Тренчевска истакна неколку важни точки кои се опфатени со проектот, како реновирањето на вакциналните пунктови кое е во тек,  обезбедувањето на лекови за Ковид 19, и вакцини за имунизација на граѓаните, обезбедување на дополнителна опрема и можност за пренасочување на средства за ранливите категории на граѓани. Притоа, ја истакна неопходноста  од продолжување на проектот, со цел завршување на започнатите активности, земајќи во предвид дека тој завршува во Јуни 2022 година, велат од МТСП.

На состанокот се дискутирало и за новата „Стратегија за развој на човечкиот капитал“, како еден од приоритетите на Владата, особено во пост ковид периодот.

-Беше истакнато дека човечкиот капитал е исклучително важен за секоја земја и вложувањето во  истиот треба да биде одговорност за секоја Влада, затоа што структурните реформи во оваа област се од големо значење.

Тренчевска  истакна дека фокусот на Министерство за труд и социјална политика особено во услови на пандемија се ранливите категории на граѓани.

Социјалната реформа во време на Ковид 19, потврди дека се движиме во вистинска насока во правењето промени во општеството, преку поддршката на ранливите категории на граѓани. Целосното воведување на кејс менаџментот, усогласувањето на систематизацијата во центрите, изработката на индивидуалните планови за корисниците и нивна активација на пазарот на труд, како и поактивна работа на социјалните работници на терен се целите на кои ќе работиме периодот кој следува, соопштија од МТСП.

Слични содржини