Тренчевска: Родовата еднаквост е наша цел, наша обврска, наша мисија

од Destan Jonuzi
192 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдштајн присуствуваа на промоцијата на прирачникот за менторство за жени во јавната администрација кој што е резултат на Менторската програма за жените во администрацијата спроведена од страна на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Мисијата на ОБСЕ.

Министерката своето обраќање го започна осврнувајќи се на сопственото искуство и заложбите кои ги има направено во однос на родовата еднаквост.

„За мене и за сите вклучени од исклучителна важност е оваа менторска програма за жените во администрацијата и како што можевме да видиме од последната презентација, секоја промена започнува од нас, тоа е дел од интервјуата или од евалуацијата на програмата и верувам дека секоја овде од нас ќе го потврди тоа“ рече Тренчевска.

Министерката го истакна значењето на процесот на менторирање на жени чија што цел е зајакнување на едни со други, како и пренесување на претходно стекнатото знаење.

„Кога зборуваме за родова еднаквост зборуваме пред се за човеково право. За еднаков третман и на жените и на мажите во администрацијата и не само на местата каде што се бара работа туку и на местата каде што се носат одлуки и токму ваквите обуки, овој процес на менторирање ја подига свеста кај сите нас. Жените се вклучени во администрацијата на позиции како што се раководители на сектори но, на високите позиции најголем број се мажи вклучувајќи ги и директорските позиции“ изјави Тренчевска.

Таа посочи дека тоа може да се промени само со свесни жени внатре во администрацијата и со жени кои имаат храброст и знаења да можат да се појават на позиции кои што значат раководење со одредена институција

Министерката на крајот од своето обраќање изјави дека очекува ваквиот пристап да биде пракса не само кај јавниот туку и кај приватниот сектор.

Слични содржини