Тренчевска: Владата потфрли, после 7 години има намалување на просечната плата за 1.000 денари

од Илинка Илиоска
30 прегледи

Економските политики на Христијан Мицкоски и владата на ВМРО-ДПМНЕ потфрлија. За прв пат, после седум години постојан раст, сведоци сме на пад на просечната плата кај нас – намалена е за 1.000 денари, рече на прес-конференција Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.

„Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар. Или за 1.000 денари помалку од платата во месец јуни кога изнесуваше 41.939 денари.

Ова не е само статистика. Ова намалување на просечната плата ги одразува погрешните политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од една страна и претставува удар врз стандардот на граѓаните од друга страна.

Пад од 1.000 денари значи помалку пари во џебот на народот, помалку пари за храна на трпезите, помалку можности, намален квалитет на живот, понизок стандард.

Политиките на владата потфрлија во клучната сфера, платите на луѓето, токму онаму каде граѓаните најмногу очекуваа и каде најмногу им е потребно. Наместо да поттикнуваат раст и зголемување на платите ВМРО-ДПММНЕ ја враќа политиката од минатото владеење каде работниците беа евтина работна сила.

Ова намалување на просечната плата е јасен показател дека нивното економско управување не е само несоодветно – тоа е и штетно.

СДСМ во изминатите години ја зголемуваше просечната плата во континуитет и во време на кризи и достигна над 41.000 денари. Во времето на ДПМНЕ, во 2015 година, просечната плата изнесуваше само 20.853 денари. Платата постојано растеше со СДСМ со години наназад, во 2020 година просечната плата беше 28.294 денари, во 2022 година беше 34.364 денари а во 2024 година достигна над 41.000 денари.

Дојде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и платите почнаа да паѓаат. Неприфатливо е која било влада да дозволи тоа да се случи, особено кога семејствата се борат со секојдневните поскапувања.

Бараме владата на Христијан Мицкоски да ја промени оваа погрешна политика и да ги зголеми платите. СДСМ ќе продолжи да се бори за поголеми плати, правични плати и подобри услови за живот за сите наши граѓани“, рече Тренчевска.

Слични содржини