„Очигледно е дека во партија не ви кажуваат се до крај, сметајќи дека добро е да не ви кажат се, за да ве наместат. Мене некој да ми го прави тоа, ќе реагирам на спротивен начин. Морам да кажам дека изминатите денови се кршевме дали треба да реагираме на тоа што вие го изнесувавте на прес-конференциите, имајќи предвид дека лажете. Да ме обвинувате дека како претседател на ССМ 7 години не сум презел ништо за работниците е смешно бидејќи само 18 месеци сум претседател. Патем сте пратеник избран од работниците. Не ве биравме за да водите кооперација туку ве биравме за да водите држава и да ја зголемите минималната плата“ – му порача првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов во синоќешната дебатна емисија со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Петрушевски му одговори на Трендафилов дека „за разлика од него, тој бил работник“ и дека „иде на координација кај Левица и СДСМ и е нивен портпарол“.
-Вие никогаш не сте биле работник. Никогаш не сте почувствувале што значи да бидеш работник. Цел живот сте во Синдикатот и никогаш друго не сте работеле. Најмалку имате право да зборувате во името на работниците. Користите привилегии – секој ден со службено возило од Велес до Скопје, со возач и гориво…Како утврдивте вие 500 евра плата, рече пратеникот.
Првиот синдикалец на тоа одговори дека Петрушевски во 2021 година предлагал минимална плата од 1000 евра.
-Имам работено во градежништво. Минималната плата на 1 мај минатата година, кога не бевте власт кога ви одговараше да протестираме и да штрајкуваме, побаравме да биде 450 евра затоа што секогаш во регионот беше најмалку 450. Укажавме на новата Влада, без да знаеме која ќе биде, дека во првите 100 денови ќе бараме да разговараме за зголемување на минималната плата, рече меѓу другото Трендафилов во емисијата „24 анализа“.
Сојузот на синдикатите на Македонија не се откажува од барањето за раст на минимална плата од 500 евра. Првиот човек на ССМ подава рака за преговори кон сите засегнати страни, со апел да не се гледа низ призма на политика. Ако нема договор, не ја исклучуваат можноста да излезат на протести.
Работодавачите велат дека сега работниците ќе го добијат законското зголемување од 1.800 денари, а за повеќе, мора да се преговара.
Владата порача дека ќе прифати се што ќе договорат работниците и синдикалците, но веќе кажа дека во буџетот нема пари за субвенционирање на придонесите.