Трендафилов: Покачување на минималната плата на 450 евра требаше да биде приоритет на новата Влада, утре ќе биде 101 ден и ништо нема да се смени

од Илинка Илиоска
71 прегледи

Владата на Христијан Мицкоски во првите сто дена не го реализира покачувањето на минималната плата на 450 евра иако требаше да биде поставено како приоритет. 25.000 работници кои примаат минимална плата од 22.567 денари, тоа е нечовечки, изјави Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на конференцијата посветена на социјалниот дијалог, организирана од ССМ и Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Трендафилов истакна дека работниците не можат да покријат основни животни трошоци со минималната плата. „За да се покрие една синдикална минимална кошничка, потребни се веќе три минимални плати. Делот за храна и пијалаци веќе достигна 23.000 денари, што значи дека една минимална плата не покрива ниту леб и вода,“ додаде тој.

Според него, Сојузот на синдикатите на Македонија чека состанок на Економско-социјалниот совет за да се разговара за зголемување на минималната плата, но таква седница не се одржала. „Не би коментирал што се случи во првите 100 дена. Утре ќе биде 101. ден и повторно ништо нема да биде сменето,“ изјави Трендафилов, дополнувајќи дека работодавачите кои исплаќаат плати под минималната граница прават кривично дело.

ССМ ќе продолжи да ги поддржува сите синдикати во борбата за повисоки плати, истакна Трендафилов, додавајќи дека аргументите се на страната на работниците. „Ако очекуваат да ги разбереме, прво тие треба да нè разберат нас,“ рече тој.

Слични содржини