На Протестот за 1 Мај, организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), учесниците побараа од пратениците да донесат измени на Законот за минимална плата и да ја зголемат на 500 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, истакна дека работниците бараат достоинствени плати за достоинствена работа и ја критикуваше привилегираната позиција на пратениците, кои, според него, имаат зголемени плати и поповолни услови во однос на работниците.
„Бараме минималната плата да се зголеми на 500 евра и сите останати плати да бидат зголемени за 100 евра. Работниците се на страната на барикадите и бараат достоинствени плати за достоинствена работа, додека од другата страна се тие кои уживаат привилегии. Срамно е што на 1 Мај, кога се одбележува работничката борба за осумчасовно работно време, некои од пратениците донесоа закон кој дозволува 12-часовен работен ден“, изјави Трендафилов.
Протестниот марш започна пред Работничкиот дом, учесниците поминаа пред Собранието и се упатија кон Стопанската комора, каде им беше порачано на работодавците да не се кријат, бидејќи работниците „им го заработуваат лебот“. Протестот заврши пред Владата, со барање за брза реакција и донесување на измени кои ќе ги почитуваат работничките права.