Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за економскиот раст на Соединетите Американски Држави на само 1,8 отсто за оваа година, што претставува најголемо намалување меѓу земјите со високо развиени економии. Оваа остра корекција во однос на претходната проценка од 2,7 отсто во јануари е последица на ескалацијата на трговските тензии и неизвесноста околу царинските тарифи, што, според ММФ, може да доведе до „значително забавување“ на глобалниот економски раст, се наведува во новото издание на публикацијата на ММФ „Светски економски изгледи“.
Главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас, изјави дека глобалната економија продолжува да носи значителни лузни од тешките шокови во последните четири години. Да потсетиме, претседателот Доналд Трамп оваа година донесе серија тарифни одлуки. САД воведоа царини до 145 отсто за кинески производи, додека Кина одговори со царини од 125 отсто за американски производи.
Трамп тврди дека царините ќе ги поттикнат американските потрошувачи да купуваат повеќе производи произведени во САД, ќе ги зголемат даночните приходи и ќе доведат до големи инвестиции во земјата. Сепак, ММФ предупредува на можни негативни последици за глобалната трговија.
„Соочени со зголемена неизвесност, првичната реакција на многу компании ќе биде стопирање, намалување на инвестициите и ограничување на набавките“, објасни Гуриншас.
ММФ предвидува дека глобалната економија годинава ќе порасне за 2,8 отсто, што е помалку од претходната прогноза од 3,3 отсто, додека за 2026 година се очекува раст од 3,0 отсто. Кога станува збор за Кина, таа годинава би требало да порасне за 4 отсто, што претставува намалување во однос на претходната проценка на ММФ од 4,6 отсто. Прогнозата за раст на економијата на еврозоната е намалена на 0,8 отсто за оваа година, од претходните 1 отсто.
Во 2026 година се очекува растот да изнесува 1,2 отсто. Шпанија е единствената развиена економија за која прогнозата за раст во 2025 година е зголемена на 2,5 отсто од претходните 2,3 отсто, делумно како резултат на активностите за реконструкција по поплавите. Прогнозата за раст на Канада за оваа година е намалена на 1,4 отсто од претходните 2 отсто, најмногу поради неизвесноста околу царините и геополитичките тензии.
Најголеми промени од проекциите во јануари се забележани за Мексико, за кое сега се прогнозира пад од 0,3 отсто оваа година, додека во јануари се предвидуваше раст од 1,4 отсто.