Трибина во Кавадарци ,,Жените во општеството, предизвици и нивно надминување”

од Radmila Tasevska
212 прегледи

Во Собранието се залагаме за измени во Изборниот законик и квота за 30 проценти  жени градоначалнички и 40 проценти министерки, рече пратеничката Даниела Колева од СДСМ на денешната граѓанска трибина на тема „Жените во општеството, предизвици и нивно надминување” во Кавадарци.

– Според податоците со кои располагаме, 10 проценти жени се на раководни функции и само 10 отсто жени  во управни одбори. Но најмногу боли фактот, што како противтежа на овие бројки, 90 проценти од  жртвите на семејно насилство се жени. И да,  се работи многу за  овие бројки да се променат. Се донесе Закон за родова еднаквост а во изработка е нов, голем број на активности и мерки се спроведуваат за економско зајакнување на жената, затоа што колку жената е економски понезависна, таа нема да трпи насилство. Се донесе закон за заштита од дискриминација и закон за заштита од семејно насилство, нагласи Колева.

Како организатор на оваа трибина Колева, која е член на Парламентарната комисија за еднакви можности на жените и мажите,  подвлече дека важно е во секоја  партија, гласот на жената да биде слушнат.

Пред присутните говореа и Сања Лукаревска,  директорка на УЈП и заменик претседателка на СДСМ,  министерката за одбрана Славјанка Петровска, поранешната пратеничка Ана Андова и Јоана Коцева од Здружение за родова еднаквост, „Визија”. Почесен гостин на трибината беше сопругата на претседателот Стево Пендаровски,  Елизабета Георгиевска.

Лукаревска се осврна на предизвиците и пречките на патот кон успехот, но рече дека една личност, никогаш не треба да се откаже од тој пат.

Петровска, пак, наведе дека успешни држави се оние, што им го даваат вистинското место, на жените во нив.

Слични содржини