Трифонов бара враќање на ветото за Македонија по претепувањето на копретседателот на бугарскиот клуб во Струга

од Nikola Popovski

Веднаш треба да биде вратено ветото за Северна Македонија за нејзиниот прием во Европската унија, вака објавил Слави Трифонов, лидерот на бугарската партија Има таков народ (ИТН).

Тој се заканил и упатил навреди дека „таква земја со такви луѓе нема место во Европската унија и вредностите што Европската унија им ги наметнува на своите граѓани“.

-Ако тоа не се случи, сите злосторства во Северна Македонија ќе продолжат и ниту една декларација нема да ги спречи, напишал Трифонов.

Тој продолжил со своите навреди, додавајќи дека нашата земја треба „да се изолира и дека не ни е местото во Европската Унија“.

Ваквиот негов наратив следува после вчерашното претепување на Бекир Кадриески, копретседателот на здружението на Бугари „Шемето“ од Струга. Според дел од бугарските политичари и медиуми, споменатото лице било физички нападнато, поради како што велат, неговата бугарска самосвест и идентитет.

-Интересно е што партиите кои го сочинуваат срамното политичко мнозинство во моментов во Бугарија заедно гласаа за укинување на ветото за Северна Македонија за членство во Европската Унија, додал лидерот на ИТН.

Како што вели, „тие се виновни што моментално во Северна Македонија се палат, малтретираат и тепаат Бугари и дека оваа работа нема да престане со декларации во парламентот, политички муабети и меѓусебни обвинувања“, смета тој.

Сè до целосно расчистување на случајот, македонското Министерство за надворешни работи апелира за воздржаност од предвремени квалификации во врска со инцидентот.  Од Бугарското министерство за надворешни работи по добивање на информацијата веднаш бил испратен вработен во Генералниот конзулат во Битола, за да го расчисти случајот и да се установи дали овој инцидент има етничка позадинa.

Слични содржини